Белата чума не се истерува со реклами

Од:

Веќе извесно време на телевизиските екрани можеме да ја следиме кампањата на владата за зголемувањето на наталитетот и потикнувањето за многудетно смејство.

Гледаме идилични слики на среќни семејства, на постари луѓе опкружени со многу свои потомци, кои уживаат во староста, кои даваат беседи за значењето на семејството. Телевизиските камери дури и седнаа над осамената посмртна постела на успешен човек без потомство, се прошетаа низ семејните гробници додека се раскажуваше среќната приказна за семејството со многу деца.

Сите овие слики се обидуваат да влијаат врз нашата емпатија и нашето чувство за семејните вредности и родителско доживување, па просто да посакаме да имаме што е можно повеќе деца.

Една порака до креаторите на кампањата- драги мои ние сето тоа го знаеме, знаеме дека е убаво да се имаат повеќе деца, знаеме дека големото семејство е најголемиот благослов што постои, ништо ново не ни кажувате, но пречката за остварување на тоа во нашето општество не е дали сакаме, туку дали можеме тие идилични слики, кои вие толку лесно ни ги сервирате пред нос, да ги реализираме.

Денеска можеме да сретнеме голем број на луѓе кои го одложуваат стапувањето во брак и формирањето на семејството до моментот кога ќе внесат барем малку стабилност во своите животи и нема да зависат од постарите.

Реалната слика на денешното семејство кое вие избегнувате да ја прикажете преку вашиот рекламен објектив се семејства со двајцата невработени родители, кои опстојуваат на социјална помош, чии деца одат распарталени во училиштето, кои се постојана мета на потсмев од останатите, кои немаат доволно пари за училишните екскурзии и излет и кои водат понижувачки социјален живот.

Приказната која вие одбегнувате да ја раскажете е на млад брачен пар, кој пари за пелените на своето бебе ги позајмува од своите родители, кој се тутка во еден двособен стан со нив и кој одвај има сопствена соба и свои интимни семејни моменти, а да не зборуваме за соодветни услови за растење на нивното дете.

Овие слики се нашата реалност и затоа ни е тешко да заборавиме на сé и едноставно да раѓаме деца на оваа држава, како што ни порачува нашиот премиер. Застануваме и се подзамислуваме, не бидејќи НЕ САКАМЕ, туку бидејќи НЕ МОЖЕМЕ и ги немаме потребните услови за тоа.

Да се тргне од вистинските причини за намален наталитет

Сметам дека владата е во право и дека навистина треба да го реши проблемот со намалениот наталитет, но таа треба да тргне од вистинските причини кои допринесоа до оваа ситуација, а меѓу нив не е немањето на желбата да се има големо потомство (со ретки исклучоци).

Економската ситуација, падот на животниот стандард, високата невработеност, како и нерешеното станбено прашање кај младата популација -се главните причини за намалувањето на наталитетот. Младите сé помалку се решаваат да стапат во брак и да имаат потомство, а оние кои го прават тоа, најчесто се решаваат за едно дете, бидејќи за друго ги немаат соодветните услови.

Податоците покажуваат дека околу 30 отсто од граѓаните на Македонија живеат под прагот на сиромаштија. Анализирано по профили, најранливи групи се повеќечлените домаќинства, имајќи предвид дека 48,5 отсто од сиромашните живеат во домаќинства со 5 и повеќе членови. Па така, речиси 40 отсто од луѓето што живеат во семејства со шест или повеќе членови се сиромашни, а сиромашни се скоро 36 отсто од луѓето што живеат во домаќинства со 5 членови.

Според експертите лекот е во подобра економија и просперитет – без тоа, никакви мерки нема да вродат со плод.

Затоа, потребни се низа мерки со кои би се зголемил наталитетот, како на пример, да се зголеми породилното отсуство, да се помага во растењето на детето до претшколска возраст, можеби и да не се плаќа градинка, или, пак, да има други олеснувања, да имаат помали каматни стапки за земање на кредити и сл.

Македонија го губи своето население и бидејќи луѓето масовно ја напуштаат Македонија поради повеќе причини, меѓу кои главни се безперспективноста во државата, негледањето иднина во оваа држава, немање можност да се добие пристојна работа со пристојна заработувачка и неможноста да се планира семејството.

Значи правото на избор е ограничено во Македонија и луѓето емигрираат главно да си обезбедат подобар живот.

Државата треба сериозно да гледа на проблемот со намалување на населението, но треба да тргне од решавање на вистинските причини зошто тоа е така.

Подобри услови- повеќе деца

Стимулирањето на многудетноста кај луѓето од пониските слоеви, коишто живеат со многу низок стандард, е само производство и мултипликација на сиромаштијата. За тоа да не се случи ќе треба да се подобрат условите во општеството и во државата. Не е доволно да се каже убаво е да се имаат повеќе деца, туку пред сè мора да се работи на поголемата слика.

Потребно е многу повеќе од едноставна стратегија за да се стимулира создавањето на нови животи. Потребно е враќање на сигурноста, на чувството дека со чесна работа во земјава може да се изгледа не едно или две, туку и повеќе деца.

Ниту една кампања или стратегија нема да натера жена да роди дете ако знае дека 30 отсто од граѓаните немаат работа и исто толкав број живеат под прагот на сиромаштијата. Да не зборуваме за немањето место во градинките, за образованието без воспитание во училиштата, за бесплатното школување итн.

Со оглед на активностите кои Владата ги презема за зголемување на наталитетот и’ порачувам дека тоа не оди туку така. Раѓајте деца на оваа земја и толку. Ние нели сакаме да имаме повеќе деца?

Ќе го завршам текстот со една порака до нашата власт: Не обидувајте се да ни ја наметнете нам одговорноста за ситуацијата со намалениот наталитет. Работата на државата е да ги одредува условите за живот, а дали семејството ќе има едно, две или три деца зависи од тие услови.

Автор: Елена Павловска
Авторката е аналитичарка во онлајн магазинот „Револуција“, веб локација: http://mkrevolucija.com

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска