Втор ден веќе дебатираме, полемизираме и се вчудоневидуваме на тоа што се случува на нашата Јужна граница. Прочитав сѐ што можеше да се прочита од коментари на наши сограѓани. Од најстрашните работи, кои ни Хитлер верувам не би ги помислил, па се до најхуманите, но во исто време и наивни коментари. Ваквите кризни ситуации, кога станува збор, во исто време, да се зачува безбедноста на државата, но и да се постапува хумано со бегалците, се исклучително тешки и деликатни за координирање. Но, не е невозможно. Бидејќи прочитав само критики кон сите засегнати страни, ќе се дрзнам да бидам малку конструктивен и да предложам план за акција.
За сѐ што ќе зборуваме понатаму во текстов, потребно е малку хуманост, доза интелигенција, разум и логика; и најважно – да не се делува брзо, импулсивно и насилно.
За почеток, пред да почнеме да го решаваме проблемот, мораме да знаеме што точно е проблемот, односно да се припремиме навремено. Веднаш сакам да расчистиме една работа, а тоа е дека бегалската криза не дојде ненајавена. Голем број на светски експерти предупредуваа дека ова ќе се случи уште од Октомври 2014 година. Нејсе, на кратко – требаше да се делува кога се појави првиот илегално влезен во Република Македонија.
Веднаш потоа требаше да се формира кризен штаб за разгледување и подготвување за бегалската криза. Колкава е бројаката на бегалци, од каде доаѓаат, каде одат, дали се опасни или не? За вакви работи постои разузнавањето. Само за потсетување, зборуваме за периодот Март/Април 2015 година. Се разбира, „бомбите“ на СДСМ беа тогаш поважни за Владата, отколку безбедноста на своите граѓани.
Тој кризен штаб, доколку сѐ би функционирало како што треба, за кратко време ќе заклучеше дека ни се спрема кризен период и ќе побараше од владата формирање на национален план за справување со бегалската и хуманитарната криза. Првични работи кои требаше да бидат направени се набавување на шатори, конзервирана храна (или дехидрирана храна, каква што користи војската), потрошен медицински материјал и лекови. Во перфектен свет ова би се правело преку помошта на Е.У. и О.О.Н.
Црвениот крст, веднаш требаше да биде пратен на терен во Гевгелија, со мал број на војска и полиција, да го скенираат теренот и да го подготват локалното население за претстојниот период.
Меѓуграничната зона со Грција, требаше да се подели на квадранти и да се почне со местење на тријажни и прифатни пунктови. Во вакви ситуации, многу е важно да се настапи со старата тактика на „раздели, па владеј“. За секој случај, можеше да биде крената и ограда, со што би се спречило нелегално влегување во државава. Од клучна важност е да се има лекарски тимови на лице место, опремени со лекови и вакцини, бидејќи опасноста од ширење на заразни болести е многу голема. Затоа важно е и постоење на зона на карантин, каде што ваквите случаеви би биле транспортирани, се со цел да не се шири заболувањето.
Владата, како што тоа често го прави за своите митинзи, требаше да организира автобуски превозници кои ќе бидат само за транспорт на бегалците.
На прифатните пунктови, секој бегалец треба да биде испрашан, да му биде прегледана документацијата и да му биде назначен сериски број, кој всушност ќе се користи за негово понатамошно следење. Бегалците ќе беа пропуштани во мали групи, следејќи листа на чекање, зависно од можностите на превезувачите (автобусите и возовите). Со ова се обезбедува Гевгелија и околните места, да нема бегалци кои ќе шетаат наоколу и ќе се мешаат со населението.
Двете најголеми политички партии требаше да си го искористат бесплатниот ПР и да ги донираат сите шатори што им останаа од камповите во меѓуграничната зона.
Бегалците ќе беа спроведувани по неколку стотина на ден, здрави и живи, со полициска придружба до возовите и автобусите, уредно ќе беа товарани и повторно со полициска придружба за 3 часа ќе беа транспортирани до Северната граница и предадени безбедно за процесирање на Српските надлежни органи.
Ова драги мои сограѓани е хуманиот и правилниот начин на решавање на кризата. Од една страна немаше да има тепачки и уништување на Гевгелија, а од друга страна немаше да има ни нехумано профитирање на бегалците.
Морам за крај да напоменам дека оваа колумна се фокусира на тоа што можеше и се уште може и треба Република Македонија да направи, во следната колумна ќе пишувам за тоа што можеше и требаше ЕУ да направи.
За крај, ќе речам дека треба да се пази што се чита на Интернет за бегалската криза. Има еден куп „факти“ кои се толку мизерно погрешни, да не почнувам за тоа колку лошо медиумите ја покриваат бегалската криза.
Решенија постојат за секој проблем, но треба да имате трпение да ги најдете.