Компнијата Дистрибуција со топлина Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје денеска соопшти дека се во полн ек активностите за обнова и дислокација на магистралниот вод Е2 од дистрибутивната мрежа за топлинска енергија, кој поминува низ населбата „Капиштец“.
Најдоцна до почетокот на овој викенд се очекува да завршат интервенциите со прекопување на улицата „Френклин Рузвелт“, во близина на зградата на Министерството за економија, со што се очекува нормализирање на сообраќајот на таа улица.
Сѐ до целосното завршување на активностите во овој дел од рутата на магистралниот тополовод, кои започнаа минатата недела, сообраќајот ќе се одвива под специјален времен режим одобрен од надлежните служби.
Од БЕГ истакнуваат дека нивните екипи работат интензивно на што поскоро завршување на инвестициските проекти, а граѓаните се замолуваат за разбирање.
– Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, во рамки на инвестициската програма за годинава, спроведува низа активности за модернизација и ревитализација на дистрибутивната мрежа во Скопје. Преку инвестициите се зголемува квалитетот на услугата, а се зголемува и нејзиниот капацитетот во насока на пресретнување на потребите на новите корисници. Истовремено преку овие инвестиции се зголемува енергетската ефикасност на дистрибутивниот систем за топлинска енергија, што е значајно и за подобрување на квалитетот на животната средина, се вели во соопштението.