На денешното судење во предметот „Топлик“, сведочеше вработена во Министерството за транспорт и врски, која била член на Комисијата за јавно наддавање на градежно земјиште.
На прашање на обвинителот од СЈО, што констатирала Комисијата, сведокот рече дека документацијата била некомплетна и затоа не може да се донесе одлука за јавно наддавање.
„Немаше нумерички податоци за сите градежни парцели, немаше уверение за движење на катастарските парцели“, рече сведокот.
Таа рече дека бил составен записник со кој сакале да го известат министерот дека не може да се објави повик за јавно наддавање со некомплетна документација.
„Баравме да не’ разреши министерот од комисијата“, рече во сведочењето поранешната вработена во министерството.
Подоцна рече дека никој не ја известил дека е разрешена.
„Подоцна разбрав дека сум била ставена во второформираната комисија, иако не знаев за тоа“, рече таа.
За случајот „Топлик“ на Специјалното јавно обвинителство, првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште.
Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.
Васко Маглешов