Барањето за екстрадиција на Алил Демири од 2018 година е сѐ уште активно, информираат од Министерството за правда.
Демири беше уапсен вчера врз основа на издадена меѓународна потерница за сторено кривично дело „тероризам” во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смилковското езеро.
Од Министерството за правда велат дека одговорен за натамошната постапка сега е надлежниот суд, а одговор за екстрадицијата од 2018 година се уште не е добиен.
– За лицето Алил Демири побарани се две екстрадиции. Прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана на 05.09.2018 година. Во постапките, сѐ што беше побарано од косовските власти беше доставено. Одговор за екстрадицијата од 2018 не е добиен, велат од Министерството за правда, дополнувајќи дека екстрадицијата од 2018 година е сѐ уште активна.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.