Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки мун на средбата која ја имаше денеска со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов информирал за разговорот што го водел со грчкиот премиер Андонис Самарас околу спорот меѓу Македонија и Грција, Ки Мун најавил дека и со други активности ќе поттикнува решавање на спорот.
„Како што знаете за време на неговата посета на Македонија тој вети дека лично ќе разговара со премиерот на Грција Самарас и на оваа средба тој ме информираше за содржината на неговиот разговор што го имале и за тоа што било договорено меѓу нив. Средбата која беше навистина содржајна беше можност и за взаемно информирање за актуелните настани и прашања поврзани со спорот што го имаме со Грција. Генералниот секретар вети дека повторно ќе разговара и со господинот Нимиц, за да може да се интензивира оваа дебата која ја имаме веќе 19 години. Ние како држава не можеме да чекаме уште 19 години, да се истоштуваме во еден ирационален спор кој е единствен во историјата на ОН“, изјави претседателот Иванов по средбата со Бан Ки-мун.
На средбата, Иванов побарал спорот да се води исклучиво во рамките предвидени од резолуциите на Обединетите нации посветени на спорот, Времената спогодба и со почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Иванов особено го осуди проширувањето на спорот кон теми кои зафаќаат во слободното изразување на националниот идентитет, јазикот и културата.