Очигледната кохезија на дел од медиумите со власта, појава која во поголемиот број на демократските општества би била спорна, во Македонија не постои како проблем кој им пречи на граѓаните кои редовно и циклично да гласаат за двете владејачки партии. Се разбира дека главно прашање е од каде потекнува „слепилото“ да се видат нерегуларностите и недостатокот на слобода.
Пишува: Сеад Ризвановиќ
Колегата Боби Христов, следејќи ги преговорите околу решавањето на политичката криза во земјата напиша со „смајли“ – нели, дека нов посредник во преговорите ќе биде поранешниот шеф на дипломатијата на Шведска, Карл Билд. Дали Христов бил сериозен или не, јас не знам, но знам дека точно 14 медиуми од тоа направија вест, секако со познатата прашална форма во наслов: „Дали Карл Билд е нов посредник во преговорите меѓу ЕУ и Македонија?“ Подоцна портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчиќ изјави дека сѐ уште не се размислува за специјален претставник на Унијата за Македонија, па дел од медиумите останаа со „прстот в уста“, особено кога вообичаено не се ни јавиле да ја проверат информацијата кај добриот познавач на Балканот, Билд. Но, оваа случка е само еден пример за една од низата негативни појави во современото новинарство, што сериозно ја девалвираат довербата во медиумите кои би требало да бидат неутрални прозорци кон реалноста.
НАЦИОНАЛНИ МЕДИУМИ ВПРЕГНАТИ ВО ПРОПАГАНДИСТИЧКИ УЗДИ
Меѓу медиумите кои го „изедоа кромидот“ со мирис на Карл Билд, беа и една телевизија, како и портали кои често се цитирани од таа телевизија. Тоа укажува и на појавата кога национални медиуми кои во минатото својата репутација ја градеа врз релевантност и гледаност, сега ударните вести ги градат врз информации од портали, на кои, пак, нема автор или извор. На тој начин телевизиите, кои со својата брзина би требало да бидат предводници на информативната писта, се претвораат во обични пренесувачи на примитивна пропаганда заснована врз конструкции, лаги и манипулации. Жалосно, улогата на црни агитатори ја презедоа и медиуми кои во Македонија беа предвесници на демократските промени или некои од првите електронски приватни медиуми, со што не само што се цементира сегашноста, туку се фрла пепел и врз ионака сиромашната оставштина на почетоците на плурализмот во пост-југословенска Македонија. Но, не е случајно што оценките за слободата на медиумите и на слободата на говорот, пренесени преку црните рекорди на „Репортери без граници“ или релевантните меѓународни извештаи стануваат камен околу вратот врз современото општество. Синтезата на дел од сопствениците на медиумите со власта, изразена преку формални политички коалиции или преку матни пријателско-бизнис врски создаде редица мејнстрим креатори на фабрикувана реалност. Но, за работата да биде уште посигурна, нарачателот на убиството со предумисла на слободата на говорот целата зделка ја зачинува со додатни влогови. Со константниот тек на владини кампањи и реклами, но и со давањето на милионски бизниси изразени во евра, на „новинари“, се создава цврст затворен систем за контрола на информациите и дрско лажење на граѓаните за низа актуелни случувања и дневно – политички настани.
ОДГОВОРНОСТ НЕМА, СВЕСТ УШТЕ ПОМАЛКУ
Она што додатно загрижува во дадената состојба е неверојатно намалениот маневарски простор за продуцирање решение за излез од македонската информативна тиња. Имено, следејќи ги законите на физиката и на социолошките науки, одредена акција би требало да предизвика реакција, но во Македонија тоа изгледа не е случај. Тоа очигледно земјата ја става на листата продуцент на најголем број на парадокси по глава на жител во светот, почнувајќи од спорот за името, па сѐ до апсењето на најголем број на шпиони на квадратен метар, бројка недостижна ниту за африканските и јужно американските банана држави. Очигледната кохезија на дел од медиумите со власта, појава која во поголемиот број на демократските општества би била спорна, во Македонија не постои како проблем кој им пречи на граѓаните кои редовно и циклично да гласаат за двете владејачки партии. Се разбира дека главно прашање е од каде потекнува „слепилото“ да се видат нерегуларностите и недостатокот на слобода. Едно од објаснувањата е различната перцепција на луѓето и наметнатите споредби со други временски периоди и политички елити, со што константно се создава клима за амнестија на злосторствата во сегашноста. Во контекст на севкупната атмосфера, постои и маса на луѓе која е свесна за негативните појави во новинарството, но едноставно молчи поради страв од негативни реперкусии од власта, или поради бенефициите предизвикани од истата власт, во форма на вработување или други приходи. Тука се и луѓето кои гледаат што се случува, но според нивниот систем на вредности во дадената ситуација нема ништо што би било оквалификувано како негативно. Спрегата на власта со дел од медиумите додатно ја вакуумира можноста за одговорност, со непренесување на информациите или со создавањето на лажна слика за случувањата. Како еден од најфлагрантните преседани кога опозицијата ја откри аферата „Визарис“, во која министерството за здравство дало милиони евра на тендер поврзан со новинарка која слепо ја подржува владината политика, се случија парламентарни избори на кои истата опозиција изгуби со рекорден број на гласови. Не навлегувајќи во регуларноста на изборниот процес, сепак, е очигледна минималната јавна реакција на афера која во друга земја би била доволна сама по себе за пад на било која влада. Во моментов тече и објавувањето на опозициските “бомби” во кои се зборува и за директната поврзаност на власта и сопствениците на двете најголеми национални телевизии, а досега невидениот број на демонстранти на македонските улици можеби ветува помрднување на заспаната свест на македонскиот граѓанин, поврзана со одговорноста на избраните функционери.
ЗАТВОРАЊЕТО НА А1 ГО ОЗНАЧИ ПОЧЕТОКОТ НА КРАЈОТ НА МОЌТА НА НОВИНАРСТВОТО
Партиското злосторничко здружување против слободната мисла и збор во Македонија предизвика уште еден феномен, кој е придружен елемент на состојбата во сите земји кои се ниско рангирани на листата на слободата на медиумите. Паралелно со преземањето на контролата врз главните медиуми се случи и намалувањето на моќта на новинарите, во однос на можноста да се делува како коректив на грешките на центрите на моќ. Увидувајќи дека читаните и гледаните медиуми се ставени под јарем, а останатите немаат доволно моќ да допрат до граѓаните, избраните политичари едноставно престанаа да се плашат од негативните по нив, медиумски објави. Тоа доведе до уништување на капацитетите на новинарите да можат да делуваат во одбрана на граѓанските права и слободи, да можат да откриваат афери, и потоа истите негативности да предизвикаат одговорност кај актерите. Тоа автоматски ја исклучува и можноста за превентива на злоупотребата на моќта на политичарите и воведе принцип на непречено незаконско делување од страна на власта, без страв од негативни реакции во јавноста. Но, работите не се случија наеднаш, ниту изненадувачки. За дел од новинарите и интелектуалците беше јасно дека на медиумската сцена ќе има тектонски пореметувања со затворањето на тогаш најгледаната А1 телевизија, како и весниците Време, Шпиц и Коха Е Ре. Со бруталната ликвидација на својот најголем и најмоќен критичар, власта ја постави патеката за претворање на дел од новинарите во свои пропагандни кученца, кои ќе лаат само на команда или ќе бидат успиени по казна. Трагично е што случувањата кои следуваа по затворањето на А1 не ги предвидоа ниту дел од новинарите кои работеа или сѐ уште работат критичко новинарство. Дел од тогашните колеги живееја во илузија дека дел од критичката моќ на А1 и рекламите ќе се слеат во нивните медиуми, не разбирајќи дека станаа следна цел на листата на системот кој не трпи критика. Но нејсе, како што тоа бива во животот нели, на крајот сите станаа свесни за својата состојба, се разбира, доцна, кога ѓаволот затропа на нивната врата. Како светло на крајот на тунелот останува фактот дека Македонија иако на Балканот, сепак е европска земја, па неиздржливата состојба на злоупотребата на државата не може да трае бескрајно, како ни состојбата во медиумите. Она што новинарите, кои ќе преживеат во пост-демократурата мора да го направат, е да се изборат за враќањето на својата релевантност и општествен статус. Тоа ќе биде и еден од предусловите во иднина да не се дозволи земјата повторно да ја доживее сегашната судбина.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).