На локалитетот Сурун, кај Горно Село во прилепскиот регион завршија овогодинешните археолошки истражувања.
Истражувањата покажале и потврдиле дека на тој простор егзистирала некропола во која се погребувало од крајот на третиот век пред новата ера па се до почетокот на првиот век од новата ера, пренесе Нова Македонија.
– Овој специфичен начин на погребување се појавува во втората половина на 3 век пр.н.е. Се претпоставува дека „новиот стил“ го донесуваат војници по враќањето од Блискиот Исток, каде што ваквиот начин на погребување бил традиција – вели археологот Душко Темелкоски.
Како што истакна археологот, карактеристично за гробниците е што дромосот се правел со деклање на карпата, а по издлабувањето на влезот се формирала и внатрешноста, како и преткомората и комората.
– Комората била со квадратна форма. На дното се издлабувало корито во кое се положувала урната со спалените остатоци од покојникот, кој имал висока општествена или воена позиција. Покрај урната, се положувале и даровите – керамички и стаклени садови, а доколку бил погребан војник, и дел од неговата воена опрема. По завршувањето на ритуалот, влезот се затворал со камена плоча – истакна археологот.