Агенцијата за разузнавање на Република Македонија (АР) во денешното соопштение до медиумите информира дека освен директорот на Агенцијата, кој се именува и разрешува од страна на Претседателот на Републиката, сите други работни места и распоредувања на работници се согласно актот за систематизација на работни места.
Ова го посочуваат од Агенцијата за разузнавање како реакција на обвинувањата од ДУИ дека заменик-директорот на Агенцијата, Мухамед Исмаили е разрешен од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Во соопштението се појаснува дека освен директорот на Агенцијата, кој согласно член 4 од Законот за Агенцијата за разузнавање се именува и разрешува од страна на Претседателот на Република Македонија, сите други работни места и распоредувања на работници се согласно актот за систематизација на работни места на АР, кој го носи директорот на АР со претходна прибавена согласност од Владата на РМ (член 5 од законот за АР).
– Заменик директорот на АР од 2003 до 2015 година ги вршеше работните задачи согласно старата систематизација на работни места. Тој бил поставен од директорот на АР, како дел од професионалниот состав на работници во Агенцијата. Тоа работно место и тогаш не било функционерско, со оглед дека местото заменик директор не постои во законот за АР. Согласно новиот акт за систематизација на работни места, досегашниот заменик директор, согласно своето образование и стручна подготвка е распореден на раководно место во АР, се вели во соопштението.
Агенцијата за разузнавање, како што се посочува, во својот професионален состав соодветно го одразува составот на населението на Република Македонија, со почитување на рамноправната застапеност на сите етнички заедници, како и родовата застапеност.
Фото: МИА