Нацев: Предложениот закон дава основа за чистка по мерка на директорот во Агенцијата за разузнавање

Од:

Со предложениот закон за Агенцијата за разузанавање на директорот му се дозволуваат енормни овластувања, забележа Александар Нацев, поранешен директор на Дирекцијата за безбедност и класифицирани информации на денешната комсиска расправа по предлог-законот за Агенцијата за разузнавање. Нацев наведе низа забелешки за кои смета дека пратениците треба да ги имаат предвид.

„Му се остава на директорот да располага со судбините на неговите вработени и дискреционо да одлучува за нивно распоредување, унапредување и дисциплинирање, што претставува основа за чистка во Агенцијата по мерка на директорот. Во предлог-законот актуелниот директор предвидел услови за негово именување, неможност за негово разрешување, нема адекватна внатрешна и надворешна контрола и надзор, без давање одговорност кон Владата, без давање одговорност за финансиското работење, без соодветен систем на кариера за вработените, апсолутни права за него и речиси никакви права за вработените итн. Се предвидува внатрешна контрола, чија работа е под целосно менаџирање, и контрола од страна на директорот на АР, наведено во член 21 од Законот. Ова е многу поелегантно решено во АНБ, каде што раководителот на оваа организациска единица се поставува со согласност од собраниската комисија и постапува по барање на народниот правобранител и на Советот за граѓански надзор“, смета Нацев.

Според него, предложеното законско решение го пишувале „безбедносни аналфабети или е смислено по нечиј терк“, а законот се носи без никаков консензус оти во неговото изработување не била вклучена опозицијата или академско-стручната јавност.

Во пресрет на комисиката расправа, пак, утрово Агенцијата за разузнавање преку соопштение извести дека првпат по 25 години во собраниска процедура е нов закон за Агенцијата за разузнавање, кој треба да се донесе пред заокружувањето на процесот за полноправно членство на државата во НАТО.

„Новиот закон е резултат на повеќемесечна работа на тим од Агенцијата во консултација со академската заедница, Министерството за правда, партнерските служби од земјите членки на НАТО и ЕУ и специјализираните тела од алијансата. Потребата од донесување на новиот закон се наметна поради новонастанатите промени во безбедносното опкружување на државата, во регионални и глобални рамки, што бара итно, ефикасно и навремено реагирање на терен. Со новиот закон Агенцијата се дефинира како служба надлежна за надворешно разузнавање, која собира, обработува, анализира, разменува, чува и штити податоци и сознанија за асиметрични, хибридни и сајбер-закани од странство“, соопшти Агенцијата за разузнавање.

Од Агенцијата за разузанвање нагласуваат дека со предлог-законот се прави јасна дистинкција меѓу надлежностите на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, што досега не беше прецизирано. Предложениот закон ги заокружува реформите во безбедносниот систем на државата, кои официјално почнаа со донесувањето на Законот за оперативно-техничката агенција (ОТА) во април 2018 година, Законот за Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во мај 2019 година и Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во мај 2019 година.

„Законот ја департизира Агенцијата, го подобрува менаџирањето во Агенцијата, меѓу другото, се воведува место заменик-директор, го регулира и прецизира начинот на извршување на задачите и употребата и контролата на методите и средствата на работа и овозможува подобра заштита на класифицираните информациите што ги создава Агенцијата и кои ги прима од партнерските служби, а набргу и од НАТО како нејзина земја членка. Содржи и важен социјален аспект за вработените: ги уредува правата и обврските на вработените, односно ги изедначува со колегите од соодветните безбедносни служби по однос на условите за пензионирање и платите во согласност специфичноста на разузнавачката работа“, велат од Агенцијата.

Би можело да ве интересира

Николовски: Не добивме кредибилен демант дека не се следат комуникациите на граѓаните во Македонија

А1он

Промени во начинот на работење на Националната служба за разузнавање на Грција

А1он

Кина, Русија, Иран се главните закани за САД во 2021 година, сметаат американските разузнавачи

Жарко Настоски

Хоти без образложение го разреши првиот човек на косовското разузнавање

Жарко Настоски

Чешките разузнавачи предупредуваат: Третата светска војна му се заканува на човештвото

Жарко Настоски

Заев ја водеше првата седница на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница

Жарко Настоски