Документите за тендерот на Министерството за надворешни работи кој го доби „Еуровиа“ патуваат кон Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и Антикорупциската комисија. Од Антикорупциската комисија за А1он велат дека документите денеска стигнале до архивата, па откако ќе помине целосната процедура, ќе почнат да ги разгледуваат.
„Не известија дека документацијата е дојдена, а што има, што нема, не знаеме. Документите дојдоа денеска преку пошта“, велат од антикорупциската комисија за А1он.
А целосната документација, иако не ја побара, ја доби и обвинителството на Ислам Абази. Обвинителството претходно најави дека ќе се разгледуваат документите само доколку нешто откријат Антикорупциската комисија и Државниот завод за ревизија.
„Документите се примени и ќе бидат дадени на јавен обвинител на разгледување“, велат за А1он од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Од МНР пак, преку соопштение побараа институциите „да дадат посебно значење и приоритет на овој предмет, имајќи ги предвид импликациите кои се предизвикани со бројните шпекулации кои се појавија во јавноста“.
Како што претходно објави А1он, освен „Еуровиа“ и сопственикот Елмедин Адеми, во касата на ДУИ донирала и фирмата „Виаком“, блиска до Адеми.