Стотина луѓе денеска се собраа пред споменикот Жена Борец на протестниот марш кој го организира претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов.
Протестниот марш е против политичкото влијание во МРТ и за ослободување на Јавниот сервис.
Пред споменикот на борците во паркот Жена Борец тој положи цвеќе и запали свеќа истакнувајќи дека овие бранители во 2001 година не се бореле за ваква Македонија.
Иако бројот на демонстранти е мал Ангелов рече дека нивната храброст е голема. Режимот на владеачката гарнитура го спореди со хорор зомбија кои оживуваат.
„Режимот на ВМРО-ДПМНЕ е како оние монструми и зомбија од филмовите кои оживуваат и откако ќе бидат соборени, но ние сме колецот кој ќе го забодеме во срцето на монструмот за тој да падне“, рече Ангелов.
„Поддршката која ја имам денеска е многу поголема од таа што ја имав кога протестирав против Талат Џафери. Дојде ден македонскиот народ да даде поголе поддршка против режимот. Овој режим е полош од борбата со УЧК во 2001 година и затоа ќе го уништиме“, додаде тој.
Протестниот марш помина покрај Собрание, каде Ангелов им се обрати на граѓаните велејќи дека пратениците во Собранието немаат легитимет исто како функцинерите во Владата.
„Овие пратеници се избрани така што партијата присилувала луѓе да гласаат за нив како што е случајот со семејството на Тоше Проески. Граѓаните го даваат легитимитетот на оваа власт и тие ќе го вратат назад“, заврши Ангелов.