Авторката на предговорот на спорната збирка поезија од проектот „Млади поети“, поетесата Николина Андова Шопова реагира дека комисијата чиј член е и сaмата таа не била консултирана за изборот на песни што ќе бидат отпечатени. На својот Фејсбук профил таа пишува дека комисијата не учествувала ниту во уредувањето на збирката ниту во селекцијата на песни, туку единствена обврска како што наведува, ѝ било да додели три награди за најдобрите три песни.
„Текстот објавен како предговор на збирката го пренесува генералниот впечаток за сите пристигнати песни. Уште еднаш, нагласувам дека ние како жири комисија не бевме консултирани околу изборот на песните што ќе бидат отпечатени. Одлуката за неселективно објавување на содржини нема врска со жири комисијата, чиишто обврски беа ограничени на избор на три песни. Ги осудувам сите шовинистички и дискриминаторски ставови и никогаш не би вклучила такви песни во кој било избор од ваков тип,“ наведува Андова Шопова.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, пак , посочи дека тричлената комисија била должна да изврши селекција и да достави извештај до него ако има некакви забелешки. Тој додаде дека очекувал реакција од комисијата и најави дека случајот дополнително ќе се истражува како настанал пропустот. Целиот тираж на збирката ќе биде повлечен.
Јавноста реагираше за две песни од 44 објавени во стихозбирката. Едната е со наслов „Партиски вработена“ која изобилува со сексизам, вулгарности и навреди, додека другата песна во која граѓаните на социјалните мрежи препознаа албанофобија, е со наслов „Моите соседи“. Двете песни се од истиот автор Даниел Пиљаковски. Тој за дел од медиумите изјави дека некој го злоупотребил неговото име и дека случајот ќе го пријави во полиција.
Проектот „Млади поети“ се финансира од Агенцијата за млади и спорт четврта година по ред, а издвоени се околу 150 илјади денари.