„Тешко на оној народ кој своите херои ги препознава во вршењето убиства на невини цивили. Раководството на таков народ, всушност, манипулира со него и го претвора во безумна толпа“, пишува Стојан Андов во колумна за Утрински весник.
Еве дел од колумната:
Минатата недела, од затворот во Германија, каде што ја отслужуваше казната што му ја изрече Хашкиот трибунал, Јохан Тарчуловски се врати во Скопје. Изречената казна му беше намалена за 1/3 поради неговото добро држење во затворот. Тој, сепак, остана во затвор многу долго, цели осум години, сметајќи го и притворот. Секој добронамерен човек во такви околности, на дојдениот од затвор ќе му посака добредојде и посреќна иднина. И дотука се’ си е нормално. Но, во Скопје на Јохан Тарчуловски му беше организирана голема свечена прослава за неговото враќање. На прославата Јохан го славеа како национален херој.
Нашата Влада и целото државно раководство имаат законска обврска да ги почитуваат спомнатите факти и кон Јохан Тарчуловски се должни да се однесуваат како поранешен казненик што се враќа откако ја издржал казната.
Затоа, со силното ангажирање и експонирање во настаните од дочекот што му беше приреден на Јохан, со кој тој беше прогласен како национален херој, нашето државно раководство, пред се’, ги згази своите законски обврски, а исто така згази на храброста и чесноста на оние бранители кои во битките од тој конфликт од 2001 година, ја покажаа својата храброст и пожртвуваност.
Ќе осознае ли некој од нашето државно раководство каков роб станал на сопствената националистичка заслепеност?
Со оглед на тоа до каде сме ја дотерале работата, не треба да зачудува молчењето на речиси сите поистакнати личности од Македонците. Каде се оние интелектуалци што редовно му се моткаат во нозете на Груевски и ја чинат неговата „угледна свита“. Каде се оние многубројни академици, универзитетски професори, научни и културни дејци и други интелектуалци кои ја потпишаа кандидатурата за претседател на Ѓорге Иванов пред изборите 2009 година? Тие не се виновни за тоа што потпишале, бидејќи, а тоа е многу веројатно, имале друга претстава за Иванов. Ама виновни се што денес молчат! Каде се „експертите“, кои се шеткаат околу во јавноста и шират фама дека се советници на Груевски и на Иванов? Така ли ги советуваат тие нашите државни раководители? Во секое општество, на неговото дно, има талог, матлеж, тиња. Во овој случај, за длабоко жалење, нашето државно раководство, талогот на општеството го издигнаа и го поставија во улога на владејачки слој во државата. Нашите државни раководители веројатно со целиот овој настан добија уште некој поддржувач и послушник. Но, својот народ го понижија, а на државата и’ зададоа тежок удар со долгорочни штетни последици. Уште поопасно е што тој удар доаѓа и од оние што треба да го поучуваат народот како да стигне до посреќна иднина и лично да му служат за пример.
Целата колумна можете да ја прочитате ОВДЕ!