Анализа: Во тек е разузнавачка операција „Коњски скок“, со цел да се дестабилизира државата и да се врати Груевски

Од:

Македонија е мета на тајна разузнавачка операција наречена „Коњски скок“ која има цел да го врати Никола Груевски и да ја дестабилизира државата, предупредуваат аналитичарите од Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии од Љубљана (ИФИМЕС) спроведена поради повторното одлучување за датум за отпочнување на преговори за влез на РСМ во ЕУ.

Во текстот под наслов „Дали ЕУ е пред нова историска грешка“, институтот анализира дека Бугарија и Грција тандемски и договорно го блокираат влезот на Македонија во ЕУ, почнувајќи уште во 1991 година. Се наведува дека во тек е и тајна операција за симнување на актуелната власт и враќањето на Никола Груевски.

„Тајната операција која во меѓународните кругови се нарекува „Коњски скок“ има крајна цел да го врати Никола Груевски во Македонија и да ја симне од власт актуелната политичка гарнитура. Поради ова интензивно се работи на дестабилизација на државата со постојано произведување на бројни афери.“, пишува во анализата.

Како главен сојузник на оваа тајна операција, анализата покажува дека се близу 160 медиумски портали кои произведуваат лажни вести и афери со намера да предизвикаат хаос и дискредитација на премиерот Зоран Заев и Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Поврзаноста на овие портали, велат аналитичарите е со „Адинамик медиа“, компанијата која менаџира веб страници и директно е поврзана со унгарската национална телевизиска мрежа која е наклонета кон премиерот Виктор Орбан.

Од истиот центар на моќ на оваа тајна операција, според аналитичарите, се лансираат и „нон-пејпери“, а нападите кон министерот Спасовски ќе бидат интензивирани бидејќи тој разоткри дел од мрежата на одредени странски разузнавачки служби во Македонија.

„Нападите кон Спасовски се осмислени како одмазда, бидејќи тој демонтираше дел од разузнавачката мрежа. Бугарија, Унгарија и некои други држави ќе мораат да ги повлечат своите разузнавачки служби од Северна Македонија и на разузнавачки план да соработуваат во согласност со потпишаните договори. Загрижува фактот дека ова доаѓа од држави кои се членки на НАТО, каде што е член и РСМ.

Центарот на „Коњски скок“, се посочува во анализата, е во Будимпешта и во оваа операција се вклучени извесни челници на некои држави кои се сојузници на Груевски, главно од европската радикална десничарска страна. Аналитичарите велат дека аргументирано се поставува прашањето зошто НАТО го толерира делувањето на тајните разузнавачки служби, кога тоа е насочено кон нивна членка и со самото тоа против интересите на НАТО.

Овој меѓународен институт вовел и мониторинг над случаите за Сашо Мијалков и Орце Камчев и утврдил дека јавната обвинителка Вилма Русковска имала неофицијални контакти со овие обвинети но сепак на крајот Русковска морала да побара притвор за нив. Казната изречена за Мијалков според аналитичарите е преблага.

“Обвинителството и натаму претставува рак-рана на правосудниот систем и потребно е Судскиот совет да покрене постапки против обвинителите кои постапуваат спротивно на законот и етиката во случајот Сашо Мијалков“.

Сепак, аналитичарите сметаат дека треба да се исправи историската грешка која е направена за време на германското преседавање со ЕУ и да се отпочнат преговорите со РСМ. Доколку не дојде до ова, аналитичарите сметаат дека РСМ и други држави од Западен Балкан може да го сменат геополитичкиот правец и да најдат други поинтересни политички сфери.

Би можело да ве интересира

Орбан: Закован е уште еден клинец во ковчегот на Европската унија

Македонија се усогласи со дополнителните санкции на ЕУ за Исламска држава и Ал Каеда

Катерина Ѓуровски

Брисел и даде „зелено светло“ на БиХ за отворање на преговорите за пристапување во ЕУ

Горан Наумовски

Европската унија привремено ги укина царините за храна од Украина

Катерина Ѓуровски

Голем дел од Палестинците кои настрадаа во масакрот чекајќи храна се убиени од Израелците

Катерина Ѓуровски

Европската унија воведе рекордни санкции против Русија