Пандемијата само ги интензивираше и ги исфрли на површина проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост, нивните родители и лицата што се грижат за нив а дека државата сѐ уште заостанува во исполнување на обврските од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, е заклучокот од денешната презентација на анализата посветена на ефектите, кои пандемијата ги имаше врз лицата со попреченост во земјата спроведена од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Истражувањето покажува дека многу од испитаниците се соочиле со влошување на работната ситуација, преку откази, намалени примања, намалени работни часови и отсуства од работа. Во образовниот процес предизвик била пристапноста на наставата за различните видови попречености и немањето техничка опрема и соодветна поддршка.
Меѓу препораките се институциите да ги вклучуваат лицата со попреченост и нивните организации кога носат политики и мерки за справување со пандемијата. Корисна би била финансиска поддршка за лицата со попреченост, особено оние кои имаат намалени приходи при кризата или не се работоспособни, и поддршка за зачувување на работните места. Да се вратат во функција услугите за рехабилитација, прегледи и интервенции, а пунктовите за тестирање за КОВИД-19 да бидат пристапни. Да се овозможи вадењето на документацијата за социјална заштита да се прави електронски. Испитаниците бараат и поддршка следење настава во образованието, соодветна асистивна технологија и образовни помагала.
– Оваа криза го продлабочува постоечкиот јаз и дискриминацијата со која се соочуваат лицата со попреченост. За да се намали штетата од пандемијата, треба итно да се делува. Во претстојниот период е клучно институциите да се фокусираат на обезбедување мерки кои ќе ги намалат негативните ефекти од КОВИД кризата врз оваа група граѓани и да ги вклучат лицата со попреченост и нивните претставнички организации во процесите на донесување одлуки за политиките и програмите, се посочува во анализата.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ја поздрави посветеноста на социјалните работници кои работеле во установи каде имало заболени од вирусот.
– Соочени со предизвиците за сите ранливи категории граѓани, уредбите со законска сила ги преточиме во измени во Законот за социјална заштита, олеснувајќи ги критериумите за минимална помош, како и во Законот за детска заштита, рече Шахпаска.
Дамир Незири, претставник во земјата на Фондација за демократија на Вестминстер посочи дека клучниот елемент од оваа анализа се препораките и обидот да се извлечат заклучоци за тоа како институциите можат да ги поддржат и да се грижат за овие граѓани во периодот кој следи, но и во однос на долгорочните ефекти по кризата.
– Мерките за спречување на ширењето на КОВИД-19 и за намалување на ефектите врз граѓаните речиси и да не ги земале предвид лицата со попреченост. Па така, овие граѓани се соочиле со предизвици до пристапот до права и услуги, здравствена заштита, социјални услуги, движење, финансии, работни односи и образование, се потенцира во анализата.
Британскиот заменик амбасадор, Доминик Отвеј изјави дека ги охрабруваат носителите на одлуки да ги имаат во перспектива правата на лицата со попреченост и да се заложуваат за целосно применување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, и во редовни но и во пандемични околности.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска нагласи дека уште на почетокот на пандемијата беше јасно дека најмаргинализираните ќе ги трпат најстрашните ефекти.
– Институциите, а особено здравствените, беа ставени во служба на борба против пандемијата. Од тие причини, токму луѓето со попреченост се соочуваа со неможност да дојдат до оние здравствени услуги коишто им се потребни, како рехабилитација, која што отсуствуваше, неможност да пристапат кон пунктовите за тестирање, отежнатост на децата со попреченост да ја следат наставата и зголемени финансиски трошоци за лекови и други помагала за да можат да опстанат во време на пандемија, рече Пировска.
Истражувањето беше спроведено преку преглед на документи, прашалници до институции и организации и анкета во која учествуваа 219 испитаници, кои се лица со попреченост или лица кои се грижат за лица со попреченост.