Ако веќе подолго време размислувате да го посетите Амстердам поради кофишоповите, подобро да одите сега

Од:

Крис Рок, комичар од САД: „Секој што одлучува пред да ги слушне двете страни на дебатата е будала! Биди човек. Слушај. Остави ги аргументите малку да ти се тркалаат низ главата. Потоа формирај го твоето мислење.”

На 1-ви мај, во три јужни холандски општини влезе во сила закон што им забранува на странците да влезат во познатите и популарните кофишопови за да си купат марихуана. Претходно, секој имаше право да си влезе, да си го одбере видот што го сака од екстензивното мени (како вино) и да си купи по некој грам. Но, новата конзервативна холандска влада ги воведе овие нови мерки велејќи дека сака кофишоповите да се вратат на она што беше нивната првична намена: мали места што продаваат само на локалното население. Така, дури и месните жители ќе мораат да се зачленат, со нивните лични податоци, во најблискиот кофишоп, кој пак ќе има право на максимум 2000 членови.

Новиот закон ќе биде воведен низ цела Холандија, вклучувајќи го и Амстердам, од 1-ви јануари 2013 – можеби жална вест за тие што сеуште не ја посетиле „Венеција на Северот”, а и за тие што редовно ја посетуваат. Владината идеја е да го оневозможи т.н. „дрога туризам”, вознемирена од фактот што повеќе луѓе влегуваат во кофишоповите одколку во Музејот на Ван Гог. Но, интересно е што советот на градот Амстердам е против новиот закон. Тие, како и граѓаните и малите фирми во најголемиот холандски град, стравуваат дека ваквата одлука ќе влијае негативно врз економијата на градот, особено во сегашната светска економска бура.

Значи, кои се придобивките од кофишоповите за холандската влада? Како што вели еден сопственик на кофишоп во Мастрихт, кадешто новиот закон веќе стапи во сила, во интервју за Форбс, на годишно ниво холандските копишопови плаќаат вкупно €430 милиони данок. Тој податок, се разбира, не гo вклучува мултипликациониот ефект од „кофишоп туристите” кои сепак мора да спијат, јадат и пијат додека се во холандските градови. Според истото интервју, во Мастрихт, град со 120,000 жители, таа сума изнесува €89 милиони годишно, и тоа за град што е шест пати помал од Амстердам, и многу помалку посетен. После едни вакви бројки, станува појасен стравот на сопствениците на мали бизниси во Холандија.

Темата околу марихуаната, и можната парична придобивка од неа, станува се поактуелна, особено во Европа. Пред еден месец, во обид да пронајде излез од спиралата на задолжување, малото каталонско село Раскера гласаше ЗА на референдум за изнајмување на седум хектари јавно земјиште за производство на канабис од страна на едно здружение од Барселона. Канабис Асоцијацијата на Барселона беше подготвена да плати €1,300,000 за две години употреба, но референдумот помина со 56,3%, а беа потребни 75% за да се одобри планот, па изгледа селото ќе мора да бара друг начин да се раздолжи.

Има и други делови на светот кадешто стигмата околу марихуаната е веќе срушена. Во вкупно 16 држави на САД легално оперираат т.н. „диспанзери на марихуана за медицински цели” (Medical Marijuana Dispensaries), или нагалено „зелени аптеки”. Во Калифорнија, на пример, овие „клиники” законски продадоа $1,9 милијарди долари марихуана на „пациенти” во 2011, додека малата држава Хаваи заработува околу $10 милиони годишно од оданочување на марихуаната за медицинска употреба.

Ние, за жал, не слушаме многу за вакви работи. Кај нас, дрогата си е дрога, и точка. Крај на муабетот. Хероинот и марихуаната се едно исто – општествена чума. Помислата за холандскиот вид на легализација, или португалскиот вид на декриминализција (кадешто поседувањето на сите дроги беше декриминализирано пред 10 години и донесе неочекувано позитивни резултати за државата), или зелените аптеки на САД е едноставно незамислива. Сите знаат дека тоа би значело наркоман на секој ќош. Но, тие што биле во овие места ќе ви кажат дека никогаш не виделе група дечки да испушат џоинт, да украдат кола, па да претепаат и ограбат баба, како што упорно не’ убедуваат рекламите тука.

Дали е можеби време ние, како држава, да ја разгледаме нашата позиција околу овие прашања? Дали е можеби време да се вратиме на дискусијата предводена од нашиот Проф. Ѓорѓи Марјанович, кој во деведесеттите говореше за легализацијата кај нас, и однапред го знаеше најтешкиот приговор: „сите нарко-зависнички биографии започнуваат со марихуаната. Ова е точно, но точно е и тоа дека сите нарко-зависници започнале и како пушачи на тутун, па никому не му паѓа на памет поради тоа да го забрани тутунот.”

Иако легализацијата е очигедно преголем чекор за нашето општество, сепак декриминализацијата на марихуаната, или намерното неспроведување на законот (како што е ситуацијата во изненадувачко голем број на држави во светот – види линк доле), е тема што заслужува отворена дебата, но базирана на докази, а не на дезинформација и негирање на фактите. Таква една дебата, на оваа и на многу други теми, би им дозволила на граѓаните самите да си дојдат до информиран заклучок. Прашањето е: дали сакаме да им се придружиме на земјите од Европската Унија, и светот, кои веќе вака функционираат, и воедно да им дадеме повеќе време и средства на Алфите да бркаат вистински криминалци, место да тепаат тинејџери позади зграда?

Светска мапа на легалноста на маријуаната: тука.

Игор Стефановски

Колумната е превземена од http://defacto.mk

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска