Премиерот Емил Димитриев повеќе говореше за составот на владата по 5 јуни отколку за таа до 5 јуни, констатираше пратеникот на ДПА, Имер Алиу. Тој кажа дека најмалку што Димитирев можел да направи е да ги каже имињата на предложените министри и заменици министри.
– За среќа, ова е последна можност за сценарија. Денеска не се избираат нови министри и заменици, денеска се констатира неуспехот на минатите министри. Ќе се констатира неуспехот на ДУИ како дел од Владата во минатите 13 години, рече Алиу.
Според него, овие институции раководени од Албанците биле празни, бидејќи не функционирале како што треба.
– ДУИ се во Владата само да крадат и да владеат. Со именувањето сакате да правите реформи, но никој не ви верува, не можете да го покриете внатрешниот проблем. Избравте нефункционални министри, бидејќи од утре почнува изборен приод, тие немаат никаква функција. Не успеавте да го спроведете Охридскиот договор, единствено што направивте е масовна корупција, посебно со Маѓар Телеком. Албанците ќе кажат повеќе на избори, рече Алиу додавајќи дека иако лошите бегаат, злото останува.
Премиерот Димитриев за новите кадри единствено кажа дека се предложени бидејќи ресорите за кои тие се кандидати, се испразнети со оставките од ДУИ.
Александар Тодески