По Зоран Заев и Гордана Јанкулоска, кои како поранешни високи функционери сведочеа во судскиот предмет „Монструм”, денеска на рочиштето за петкратното убиство кај Смилковското Езеро треба да сведочи и претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Освен Ахмети, како сведок треба да се појави и неговиот сопартиец, обвинителот Џелал Бајрами, кој во 2012 година, кога се случи немилиот настан кај Смилковско Езеро ја вршеше функцијата заменик-министер за внатрешни работи.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Судскиот процес го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.