Ахмети: Поголема услуга ние на луѓето не може да им направиме отколку да ја зачлениме Македонија во ЕУ

Од:

Демократската унија за интеграција денеска ја одбележа 21-годишнината од основањето со панел дебата насловена „Европски фронт“, на која освен претседателот на партијата Али Ахмети, зборуваа и поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, професорот Петар Арсовски, поранешниот амбасадор Нано Ружин, поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи и други.

Ахмети во обраќањето истакна дека треба да ги направиме уставните измени, а за да се направи тоа, посочи тој, треба да има помирување меѓу сите субјекти коишто имаат одговорност за судбината на државата и на земјата.

– Јас мислам дека може да се постигне помирување, да ги стават пред себе интересите на државата, иднината на генерациите бидејќи токму тоа се моменти одлучувачки и историски за нашата земја, да ги оставиме настрана дневните политички интереси, да не поставуваме приоритети – дали ќе ги добиеме наредните избори и наредните избори да мора да ги добиеме, туку приоритет да биде дали ќе постигнеме да ја направиме најголемата услуга на нашите граѓани со членство во ЕУ и да создадеме простор за перспектива на генерациите коишто ќе следат, рече тој.

Според Ахмети, членството во ЕУ значи да се стопира миграцијата, создава можности за зближување на стандардите да се создадат можности и надеж кај тие што ја напуштиле земјата за да се вратат во својата земја.

-Јас неколку пати кажав и последниот извештај на Ирска, 400 илјади Полјаци се вратени во Полска. Неколку пати кажав сите Португалци и Шпанци избегале од Европа и од сите скандинавски земји и се вратиле во своите земји. Значи, поголема услуга ние на луѓето не може да им направиме отколку да ја зачлениме земјата во ЕУ. Но, ние треба да ги завршиме и домашните задачи, да ги зближиме стандардите, реформи во судство, во полицијата, во администрација, да се бориме против корупцијата, криминалот. Не дека ги бара Европа, туку тоа се во служба на нашата држава, рече тој.

Поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека сите анализи покажуваат дека летоска од безбедносен аспект и она што се случува во Украина не очекува многу тешко и пресудно лето. Посочи дека земјава треба да ги прави уставните измени за, како што рече, да си даде шанса да го почне и заврши целиот процес на преговарање.

-Каква и да биде разврската, сите очекуваме позитивна, а не негативна, ние влегуваме во продолжен период на геополитички ривалитет и ние тука ќе треба да знаеме каде сме. Македонија треба да ги прави уставните измени за да си даде шанса да го почне и заврши целиот процес на преговарање. Ама во Македонија има и многу вакви сали кои што имаат дилема и проблемот е дека честопати дискутираме сами за себе. Оваа група дискутира и вели нема алтернатива, а другата група вели дека нема алтернатива. Мислам дека правиме грешка. На оние кои што се противат на промената на Уставот од било која причина, мислам дека треба да им стане јасно дека ќе си изиграме автогол. А од друга страна ако сакаат само процесот да го одложат дека тоа ќе биде двоен дупли автогол. Ако ја анализираме 2024 година ќе биде година на неодлуки. Нема да биде година на одлуки. Имате избори на Европски парламент кои ќе бидат многу непредвидливи. Имате зголемување на бројката на политичките партии во ЕУ кои можат да имаат дилеми со проширувањето. Геополитичката слика може да стане потешка за било каква позитивна одлука следната година, рече таа.

Потенцира дека во моментот кога уставните измени ќе завршат, ќе се отвораат и други теми кои немаат никаква врска со Бугарија и со нас. Она што не чека, а е неопходно, потенцира таа, е овој процес на уставни измени да го тераме.

-Има две прашања за кои нема да има прогледување низ прсти – едно е квалитетот на институции, особено во судството и вториот е борбата против корупцијата. Нашите напори да го решиме проблемот со ветото од Бугарија, да го спроведеме францускиот предлог и таму ќе бидеме поуспешни ако овој дел од домашните успешно го завршиме, рече таа.

Според Петар Арсовски, се наоѓаме на крстопат кој не е толку наивен и за нас постојат само две опции – кон ЕУ или надвор од ЕУ.

-Не е точно дека пред нас се едноставни избори и дека не се наоѓаме на крстопат. Се наоѓаме на крстопат кој не е толку наивен. Пред нас се опциите – или ќе најдеме заеднички јазик за да продолжиме кон ЕУ. Околностите за нас сега се поволни. И Европската унија ова го гледа како безбедносно прашање. Подготвени се да замижат и да ги попуштат малку условите заради забрзана интеграција. Тоа за нас би требало да биде одлична вест. Ако не успееме тоа да го направиме, се разбира алтернативите не се толку добри. Мислам дека е наивно да размислуваме на начин дека пред нас има премногу опции. Нема премногу опции. Има две – кон ЕУ или надвор од ЕУ. А, опцијата надвор од ЕУ без сериозен план Б кој никогаш не сме го слушнале, премногу наивно. Мислам дека во оваа смисла важно е суштински да се погледнеме себе си и да избереме каква иднина сакаме, бидејќи и недавањето одговор кон ЕУ и непостапувањето сам по себе е одговор, рече Арсовски.

Пратеничката Љатифе Шиковска смета дека е крајно време нашата држава и особено извршната власт да креира реални политики и програми наменети за Ромите кои ќе направат видливи промени. Посочи дека ваквите процеси во однос на поинклузивни политики за помалите заедници мора да оди со побрзи чекори.

-Зошто ова го велам? Затоа што сега веќе мораме да се пофалиме со одреден напредок во последните 5-6 години во однос на образованието кај Ромите. Ние имаме стручни кадри, имаме профили – професори, доктори, магистри, меѓутоа нивната инклузивност се уште не е видлива во оние важни институции каде што и Ромите ќе придонесат за развој, просперитет пред се за себе, па и за државата која во овој период оди кон интеграција во ЕУ. Така што, иако предизвиците се големи, сакам да верувам и верувам како што кажа почитуваниот Ахмети да верувам и оптимистка сум, мораме ние прво да си ги завршиме нашите домашни задачи во однос на едно демократско општество, општество кое ќе биде еднакво застапено за сите етникуми кои живеат во нашата држава и можеби тогаш ќе можеме да кажеме дека – да, навистина Македонија е демократско општество, се грижи за сите граѓани и граѓанки во нашето општество, рече таа.

Поранешниот амбасадор Ружин истакна дека на внатрешен пат евроскептицизмот во Северна Македонија е присутен, делумно поддржан со кризата со делумната криза на идентитетот на македонскиот дел од државата.

-Зашто? Затоа што имате манипулација со чувствата, со лажни вести, а практично се работи за идентитетот. Денешните тврдења за тоа што е идентитетот е следново – идентитет е тоа што јас се чувствувам. Дали нашиот човек се чувствува низ јунаците на Питу Гули облечен во ѕиври, со тапан и зурли пие боза, или е облечен во фармерки, слуша рок музика, современ е, комуницира, мултиетнички расположен. Тоа е идентитетот. Меѓутоа, ние што гледаме. Имаме разни типови на размислување – фолклорно историски поимања на идентитетот се сликаат како Сирма војвода, како јунаци од пред 100 години итн., а тоа пак пали кај народните маси. Затоа, мислам дека треба да почнеме со што почести комуникации со јавноста околу значење на влезот на државата во ЕУ. Зошто е тоа така? Затоа што ако со Преспанскиот договор станавме членка на НАТО, всушност ни се потврди територијалниот суверенитет и интегритет на државата со Преспанскиот договор. Меѓутоа, сега со признавањето на јазикот се потврдува идентитетот на Македонците и нема потреба веќе од друга криза. Но, знаете какви се манипулациите. Затоа мислам дека барем од она што се контакти, а претпоставувам и другите имате контакти и со меѓународната заедница и со луѓе коишто се битни и во ЕУ секаде одговорот е дека нема да има никакви проблеми или надодавања на некои нови димензии во преговарачката рамка и тој што треба да додаде исто зависи нешто од ЕУ, рече Ружин.

Поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, процесот со интегрирањето во ЕУ го гледа како предизвик бидејќи, како што рече, освен политичкиот предизвик има и идентитетски и етнички предизвик и ова треба да го сфатиме истовремено да најдеме форма како ќе одиме напред. Според Арифи, во оваа насока не треба само дебата, туку да се постигне смисла дека овој интерес е најголем од само политички партии и дека оваа иднина лесно е да се каже, но тешко е да се постигне.

-Европското прашање нека биде платформа на развивање на дебати, надминување на разликите внатре, но истовремено и околу постигнувањето или да се свртиме меѓу себе бидејќи на оваа дебата има политички интереси, има политички калкулации, некој сака да биде победник утре за да победи на изборите, но јас работев за ЕУ со сета почит со влада која не беше многу ентузијаст за ЕУ. Затоа велам дека подобро сите заедно да го покренеме нашиот ентузијазам бидејќи промената која ќе ја имаме ќе биде неверојатно голема и мислам дека тука експертите кажаа колку е важна таа промена. Се надевам ДУИ да слави 100-годишнина и да биде носител на процесот на нашата земја во ЕУ и носител на помирувачки процеси за стабилизација на Балканот бидејќи секогаш сме свесни за фактот дека тој идентитетски процес од 19 век се уште значи ризична турбуленција за Балканот, рече таа.

Би можело да ве интересира

Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се во паника и без визија

ДУИ: Од прв премиер Албанец до целосно уназадување за неколку месеци

Катерина Ѓуровски

Ахмети: Aлбански народ ќе го брани албанскиот јазик што е постигнат со пожртвуваност

ДУИ: Предвремени избори – решение за кризата на легитимитетот и предуслов за економска благосостојба

А1он

ДУИ: Нафије Селмани и Афрона Верзиволи се партиски кандидати

Катерина Ѓуровски

ДУИ: Предлог-Буџетот не е развоен, тој мора да се избалансира, a државната каса да се надополни