Граѓаните на нашата земја сакаат напредок, членство во НАТО и ЕУ, слободно движење, силна економија, стабилност, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети од денешниот митинг во Дебар на кој беа претставени кандидатот за градоначалник и листата за советнци.
– Наша заложба е соработка со сите соседи, со Албанија, Косово. Добар знак за тоа е договорот со Бугарија, како и напорите за решавање на прашањето за името со Грција. Работите одат кон тоа, а тоа ни го отвора патот кон НАТО што значи стабилност не само за Македонија, туку и за регионот, поголема доверба кај инвеститорите, побрз развој и членство во ЕУ. Ние сакаме европска перспектива за целиот Балкан, рече Ахмети.
Според него, Македонија во изминатите две години имаше политичка криза која можеше да доведе и до меѓутнички судири, но со помош и поддршка на меѓународните партнери, постигнат е договор.
– ДУИ даде голем придонес за да не се случи најлошото, бидејќи само на мирен начин може да се оди напред. ДУИ не изгуби на парламентарите избори и, како што рековме, беше клуч за формирање на Владата, посочи Ахмети.
Тој ги повика граѓаните да го поддржат Ружди Љата зашто неговата заложба е, рече, еропски Дебар. Тоа го потврдил и во изминатите четири години.
Љата, кој довербата ја бара вторпат, направи пресек на ветените и реализирани проекти.
– Се што пред четири години ветивме, реалзиравме и повеќе од тоа. Поради се што постигнавме со максимално ангажирање, соработка, разбирање, со чист образ, ви се обраќам и го барам вашиот глас за уште еден мандат во кој целосно ќе ги реализираме сите наши замисли со кои Дебар ќе стане европски град, истакна Љата.
Тој најави повеќе проекти, најмногу инфраструктурни, изградба на нова градинка, резервоар за водоснабдување на градот, регулирање на градската депонија, реконструкција на системот за наводнување.
Пред присутните беше промовирана и кандидатската листа за општинскиот совет, чиј носител е Фуат Спахиу, познат дебарски спортист.
– Чест е да се биде на чело на листа на која се наоѓаат вредни и успешни луѓе. Ќе ја оправдаме довербата и заедно со сите советнци, без разлика на нивната партиска и друга припадност, ќе работиме за доброто на општина Дебар и нејзините жители, Спахиу.