Скопското обвинителство нема кривично да го гони адвокатот на пратеникот Ејуп Алими, Мефаил Арслани за заканата кон обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, дознава „А1он“.
Kривичната пријава била отфрлена пред една недела со образложение дека делото за кое е пријавен адвокатот на пратеникот на ДУИ, не е кривично дело. Обвинителката Спасенка Тумановска ги испитала сите во предметот: пријавувачот т.е. оштетениот, сведоците и пријавениот.
На судско рочиште во јануари за предметот „Титаник 3“, обвинителката Фатиме Фетаи рече дека добила закани од адвокатот на Алими за нејзиниот колега Гаврил Бубевски, упатени со зборовите: „Ти си наша ти, може лесно да поминеш, ама на тој каурот ќе му ја расплачеме фамијата“.
Бубевски за „А1он“ рече дека ќе го разгледа решението на скопското Обвинителство и потоа ќе одлучи дали ќе го обажли во Вишото обвинителство. „Ако се реализира заканата, се надевам дека ќе постапат во согласност со законот“, дополни обвинителот.
Предметот „Титаник 3“ е пред завршни зборови и изрекување пресуда. Покрај Ејуп Алими, обвинет за уништување изборен материјал е и Исмет Гури.