Еден од администраторите на „Јавна соба“, групата на „Телеграм“ каде што се споделуваа порнографски фотографии и видеа од девојки од земјава, од кои дел се малолетни, вчера сам се пријавил во Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР – Скопје, дознава „А1он“.
Станува збор за лице на околу четириесетина година, со кого редакцијата на „А1он“ и претходно контактираше, и кој тврдеше дека групата била отворена со цел да се споделуваат забавни видеа. Тој ни изјави дека кога согледал дека се собираат се повеќе членови во групата и почнуваат да споделуваат порнографски содржини, се обидел, но не бил во можност да ја избрише.
Администраторот на „Јавна соба“: Целта не ни беше порнографија, ситуацијата излезе од контрола
Истото ова лицето го потврдило и во полиција, каде што бил извршен разговор со него, а телефонот му бил земен за вештачење.
Од МВР ни потврдија дека едно лице само се пријавило во полиција за случајот „Јавна соба“, но дека не можат да дадат повеќе детали за случајот, со оглед на тоа што се уште е во рана фаза.
„Се преземаат сите потребни дејства, извршен е разговор со лицето, но се уште е рано за да се обелоденат било какви сознанија“, велат од МВР.
Дополнителната заменик министерка во МВР Славјанка Петровска на својот Фејсбук профил објави дека вчеравечер во полициска станица биле повикани две лица, од кои едното е администратор, а другото креатор на групата „Јавна соба”.
„По извршените разговори и прибавените докази против нив ќе биде поднесена кривична пријава. БЈБ продолжува со активности за евентуална вмешаност и на други лица“, напиша таа.
На редакцијата на „А1он“ му е познат идентитетот на администраторот, а неговиот Фејсбук профил веќе почнува да се споделува и на некои социјални мрежи, вклучително и во групата на апликацијата „Телеграм“, која се уште е активна.
Кај дел од членовите во групата, која брои се помалку членови, односно 7.400 членови пред неколку дена, сега има околу 3.800, почнува да проработува свеста, но тоа не ги спречува останатите да споделуваат порнографски содржини, телефонски броеви од девојки кои „лесно даваат“ или „веднаш праќаат разголени фотографии“, се споделуваат видеа од кои дел се од странство, но дел и од Македонија. Дел од девојките кои се снимани, според нивните сведоштва, воопшто не знаеле дека се снимани или фотографирани или пак фотографиите ги правеле за нивните бивши партнери, воопшто не помислувајќи дека истите еден ден ќе се најдат во рацете на над 7.000 лица.
Останува неизвесно како овој случај би добил разврска, односно со оглед на моќта на интернетот, една група лесно може да биде да затворена, а друга отворена. Така впрочем и се случувало досега, односно, како што објавивме и вчера, групата првично се отворила на онлајн- платформата „Волафајл“, потоа се префрлила на Телеграм, а сега членовите се префрлуваат на нова, наречена Дискорд.
За случајот да добие завршница, потребно е да се јават оштетени лица, односно девојки чии приватни фотографии и видеа биле споделувани без нивно знаење и без нивна дозвола.
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев денеска изјави дека засега утврдиле дека групата броела 8.000 членови, а биле откриени вкупно 800 фотографии и видеа, главно од „Фејсбук“, „Инстаграм“ но и привантни фотографии и видеа.
„До ‘Телеграм’ во Велика Британија испративме барање да не информираат за телефонските броеви на двајца администратори и двајца модератори на групата. Ќе се бараат информации за сите што го прекршиле законот за производство и дистрибуција на детска порнографија или пак направиле злоупотреба на податоци. Имаме релевантни сознанија за дел од луѓето кои ја менаџирале групата, но во интерес на истрагата не би одел со конкретни имиња“, рече министерот Чулев.
Посебни насоки Чулев дал на службите за постапување со жтрвите чии фотографии и видеа биле злоупотребени во групата. Засега имале само да привавени случаја, од кои во едниот веќе било утврдено дека станува збор за злупотреба на лични податоци.
Министерот Чулев рече дека на разговор во врска со овој случај ќе бидат повикани само оние кои споделувале видеа и фотографии, а не сите кои членувале во групата.