Цели пет месеци низ интернет се шират групите каде што се споделуваат фотографии и видеа со порнографска содржина од девојки од Македонија – дел од нив снимени без нивно знаење, дел снимени со знаење на партнерите но без дозвола за дистрибуција, а дел се фотографии јавно споделени, најчесто на Инстаграм.
Ова за „А1он“ го тврдат членови во овие порнографски групи, додавајќи дека не станува збор за еден администратор, туку дека лицата кои раководат со нив ротираат, се менуваат, а константни не остануваат ниту членовите. Многу од нив ги напуштаат групите, но најголем дел остануваат, гледајќи фотографии и видеа и од детска порнографија.
Истражувајќи го овој случај, редакцијата на „А1он“ дојде до запрепастувачки информации. Првично, стравотни се траумите што ги доживуваат девојките чии експлицитни фотографии сега се во рацете на над 7.000 лица. Второ, голем број членови во овие групи биле додавани од страна на припадници од МВР, што значи дека полициски припадници со месеци знаат и се дел од оваа појава, па оттаму е и сомнежот дали случајот воопшто може да добие разврска. И трето, во прашање се доведува функционирањето на цел систем, каде отсуствува контролата, и родителска и институционална, особено во поглед на сексуалното образование кај младината.
Сè почнува лани од септември со групата „Регистар на курви“
На овој линк во септември минатата година била отворена група со име „Регистар на курви“. Немало многу членови, но имало многу фотографии. Групата била тајна, без можност членовите да водат разговори. Секој постирал фотографии и видеа со кои располагал, кои биле врзани со Фејсбук или Инстаграм профилите на девојките.
„Тоа беше морничаво за гледање. Си ја препознав продавачката од локалната продавница кај мене. Жената на мој пријател. Беше одвратно за гледање“, сведочи за „А1он“ еден од членовите.
По извесно време, оваа група била укината.
Но, тука не завршиле воајерските нагони на оние кои биле подготвени по секоја цена да споделуваат порнографски материјали. На руската телекомунукациска апликација Телеграм, која важи за една од побезбедните, осамнала нова група, овојпат под името „Бадијалџии“. За ова, веќе биле известени и девојките чии фотографии и видеа се вртеле низ разговорите на членовите. Една од нив, во разговор за „А1он“, раскажува што се случувало таму.
„Ми кажаа за групата и се приклучив. Кога видов какви фотографии и видеа се споделуваат, не можев да се исконтролирам. Бев регистрирана под машко име, но бидејќи јавно се бунтував, девојките почнаа да ме контактираат. Најдов број од човекот што ја регистрираше групата со молба да избрише фотографија“, раскажува таа.
Во прилог е нивниот разговор:
И оваа група по одредено време ја снемува, па се појавува новата, „Јавна соба“. Се редат членови еден по еден, се додаваат нови, меѓу нив и претставници од МВР, дел политичари, бизнисмени… Се множат видеа, фотографии, детска порнографија…
„Дел од овие жени не ни знаат дека се снимани или фотографирани. Дел се сега мажени, со деца, а нивни стари видеа кои ги испраќале на бившите, осамнуваат пред илјадници членови. Овие девојки немаат мир. Им пишуваат на нивните Инстаграм профили, ги прашуваат дали сакаат да имаат секс со нив, дали наплатуваат, им ги фотографираат нивните полови органи“, раскажува нашата соговорничка.
Администраторот на „Јавна соба“: Целта не ни беше порнографија, ситуацијата излезе од контрола
Друга соговорничка за „А1он“ ја раскажува нејзината голгота. Таа е сега мајка на малолетно дете, а по објавувањето на нејзини фотографии кои ги испраќала на бившиот сопруг, таа доживува константни трауми. На нејзиниот телефон пристигнуваат содржини од кои и самата се срами, чувствувајќи се како виновник за нешто што го сторила за друг – не за пари, не за себепромоција, туку за свој партнер.
„А наместо тоа, моето сандаче е полно со машки полови органи и луѓе кои ме прашуваат колку треба да платат за секс“, вели таа.
Мајка на малолетно девојче, чии фотографии се нашле во групата на Телеграм, упорно инсистирала да се избришат, пријавувала и во полиција, но наидувала на потсмев кај членовите. Слично како и сега, кога истата група функционира под ново име, без администратори и без никаква контрола, со околу 4 илјади членови. Три илјади членови ја напуштија групата, откако МВР најави дека ќе спроведе истрага, но бројката на споделени фотографии и видеа, вклучително со имиња и презимиња на девојки, нивни телефонски броеви и Инстаграм профили, останува иста.
„А1он“ утринава објави дека е во контакт со администраторот на групата, кој тврди дека првичната идеја воопшто не била порнографска, туку идејата била да се споделуваат смешни и забавни клипови. Откако работата излегла од контрола, а неможејќи да ја избрише групата, како што тврди тој, се иззема комплетно и сега оваа група со име „Хм“ буквално функционира како „банда без команда“, па дури и се врши препродажба на опојни супстанци.
Дали Министерството за внатрешни работи ќе успее да се справи со проблемот, останува отворено прашање. Жртвите се плашат да проговорат јавно, а групите се менуваат и тешко е да им се влезе во траг, особено што речиси сите членови се впишани со прекари и немаат внесено телефонски броеви.
Од МВР сепак, убедуваат дека работат на случајот и дека истрагата е во тек.