Со денови размислувам (да бе размислувам) да напишам едно писание. Се двоумев има ли смисол да го пишувам, но гледајки ги видеата од денешниот настан пред МРТВ, дилемата сврши.
Прво многу сум тажен што минатата недела не бев дел од Женската Храброст и пораката која им ја испратија на полицајците. Ги ставија во тесно, им покажаа и им го понудија она што им недостасува, а тоа е љубовта. Браво мои Дами, браво за Мимоза, Синоличка, Снежана………. браво.
Но да се навратам на мојата размисла. Ќе поставам две прашања и тоа до МАКЕДОНСКАТА невлада а богами и до МАКЕДОНСКИОТ народ. Прашањето до НЕвладата е следно: Имате ли бе Господо (за Жал) од НЕвладата малку намус, имате ли доблест, има ли тронка човечност во вас? Има ли логика во вашето живеење? Имате ли срам , перде, ако не од самите себе си, од вашите најблиски дали имате? Дали чувствувате вина, грижа на совест? Има ли малку Патриотизам во вашите НЕдуши? Знам дека нема да ми одговорите? Знам дека баш ве заболе за тоа што ве прашува еден беден Артист!
А да ви кажам и мене ме заболе, ама баш ме заболе. Второт прашање и посуштествено е упатено до МАКЕДОНСКИОТ народ???!!!!! А бе народе, до кога ќе дремете во вашите , ушким, спокојни домови? До кога ќе го оставате Скопје на цедило? Да, на цедило, затоа што вие дремете со надеж некој друг дека ќе ви го реши проблемот! Да појаснам. Скопје врие, во Скопје секоја секунда се случуваат протести, Скопјани се креваат, полека но сигурно.
Живеам паралелно и во Скопје и во внатрешноста, во Прилеп и затоа го имам потполното право да го кажам следното. Кога сум во Скопје во мене живее друг човек, човек кој што и покрај годините е постојано во акција, постојано во движење. Зошто? Па затоа што лично сметам дека моето присуство ќе даде допринос во будењето на свеста, во будењето на слободата. Потребата од комуникација, размена на ставови, подкрепа на акции, сето то го имам во СКОПЈЕ.
Го напуштам Скопје и одеднаш се соочувам со грубата реалност на учмајалост, на немоќ. Луѓето се однесуваат како да таа груба, одвратна реалност не ги засега. Портарењето и сеирџисвото е доминантен спорт во внатрешноста. Па добро бе………. не нема да псујам………. што треба да се случи да се дигнете и да си ја побарате вистината, правдата? Зошто мислите дека само Скопје е задолжено да ја изборува Слободата?
Го знам вашиот одговор: Па власта е таму!!! Е не драги мои. И во внатрешноста постои власт. И во внатрешноста постојат сатрапи на Македонскиот народ. Многу ќе му помогнете и на Скопје ако тргнете во акција да ги срушите овие непатриоти, овие гниди. И во Прилеп, и во Битола, Штип, Охрид……… живеат средношколци, студенти, живеат нашите деца. Малку ли е тоа дека егзистенцијата на нашите деца е во прашање! Толку.
Кој разбрал, разбрал. Кој не, е па….
Марин Бабиќ