1.
Како и на многумина, некако ми беа чудни оние јавни повици на Владата за предлози од граѓаните за секакви нешта – од најсериозни до прилично смешни, оние отворени денови и слично, кадешто, божем, граѓаните можеле да ги кажат своите идеи за едно чудо работи што не функционираат во државава. Многумина таквите потези брзоплето ги прогласија за популистички трикови и квазидемократски напори на власта да го чуе гласот на народот. Се разбира, гласот на народот најдобро и најсилно се слуша на избори, ама … со таа флоскула и јас заличувам на оној буљук наши „аналитичари“ за кои врвот на демократијата се изборите, без оглед какви се.
Не ми е тоа намерата. Сакам да кажам дека некогаш е умно да се чуе што мислат граѓаните по одредени прашања. Особено ако сам ги бираш прашањата за кои бараш мислење. И ако сам избираш дали воопшто ќе ги чуеш / прочиташ предлозите што ти ги даваат! Но, „демократската“ форма да се чуе гласот на народот – секогаш пали! Особено кај народот. Овој, нашиов. И (безмалу) сите мислат дека некој ги чул / прочитал нивните предлози, дека некој ќе ги има предвид, дека тие ќе влезат во некаква процедура … Луѓето, едноставно, сакат да бидат чуени!
2.
Друг проблем е што ние, како и обично, на се’ умееме да му дадеме парадоксален шмек, да ги доведеме нештата до самите граници на растегливоста, до вистинска кулминација на глупоста. Па не можеме од народот да бараме и мислење / став за името, ама и мислење како да се води политиката во државата, преку конкурс да бараме амбасадори или да го изградиме т.н. етно село па отпосле да бараме предлози како тоа да се менаџира! Се’ ли ќе решаваме преку конкурси и објави за „мислење од народот“? Нелогично е, и – непринципиелно! Не може „народот“ да биде алиби за едни нешта, а за други воопшто и да не биде прашан. Како на пример за „Скопје 2014“! На таквите проѕирни гафови се смее веќе цел свет. Ама, пустото, никој не може толку да те изрезили, колку што можеш да се изрезилиш самиот! Па видете само каков резил си зготвија оние од „Табернакул“. Демек тие ја даваат наградата, ама парите ги обезбедува Министерството за култура, а наградата ја врачува Премиерот! Ало табершутраци, па и баба ми умее така!!! А Ферид Мухиќ и Венко Андоновски, онака „мудро“, држат стража. Тугооо!
3.
Сепак, да се вратам на иницијалниот муабет. А тоа беше едно лично преиспитување: зошто всушност си го губам времето со ова пишување, зошто се нервирам и себе си и околината со некакви критики и предлози за ова и она кога, очигледно, од тоа нема некаква полза? Поточно, прашање е дали тоа допира до тие до коишто треба да допре, до тие на кои им е наменето, со цел барем нешто да превземат, нешто да сменат во нивните (не)културни политики?
Затоа, не чекајќи го отворениот ден со Владата, а гледајќи го и актуелното барање на Владата за предлози за функционирање и менаџирање на т.н. етно село, помислив дека е најцелисходно моите предлози за итни менаџирања за преживување на актуелната македонска (не)културна политика овојпат да ги проследам директно до Владата. Зашто, прво, очигледно е, оние во полуписменоно Министерство или не знаат да читаат, или не разбираат што луѓето им пишуваат. (Или двете – заедно!). И второ, во крајна линија Владата е таа што директно одговара за политиките и состојбите во државата, па со тоа и во културата! Зашто моите предлози не одат во епски широчини и политички длабочини – немам јас такви капацитети како „умнине“ табернакулци – тие (ќе) се држат до границите на македонската култура и нејзиното место на европската културна мапа, веќе одамна подзаборавено и подзагубено!
4.
Па оттука, еве ги предлозите за брзо и директно подобрување на состојбите (од најакутни до хронични) во македонската култура:
– Веднаш, со декрет, да се стопира Конкурсот за откуп на уметнички дела од областа на визеулните уметности во 2014 година како незаконски, шарлатански и особено штетен за македонската музеологија и политика на откуп во македонските музејски институции;
– Веднаш, со декрет, да се поништи Законот за поддршка на домашната музичка продукција зашто се него најмалку односно воопшто не се стимулира вистинската домашна музичка продукција туку се фаворизира некакво ноторно и популистичко кич и шунд производство на трла-баба-лан „музика“, недостојна за компарирање со изворниот македонски фолклор и забавна музика;
– Веднаш, со декрет, да се обврзе Министерството за култура конечно да почне да пишува и јавно да објавува годишни извештаи за својата работа, со финансиски годишен извештај, што впрочем е и негова законска обврска, со што барем малку, формално, ќе заличи на некакво европско министетрство за култура;
– Веднаш, со декрет, да се обврзе Министерството за култура конечно да ги објавува имињата на членовите на нивните „стручни“ комисии кои делат јавни, буџетски пари во ваше и наше име;
– Веднаш, со декрет, да се забрани членовите на тие „стручни“ комисии да си доделуваат пари за свои проекти, зашто тоа со други зборови се нарекува – кражба;
– Веднаш, со декрет, да им се забрани пристап до Министерството за култура на разноразни станковци, божиновци, величковци, хаџипуљевци, мацковци и цацковци и слична братија, односно сите оние кои така „мудро“ ги советуваат дека нашиот 21 век не требал да биде ист како 21-от век на друго место, туку тој требал да биде наш 21 век како 17-от век кај другите;
– Веднаш, со декрет, да му се наложи на Министерството за култура да престане да организира македонски културни „претставувања“ во странство според теркот на некогашните соцреалистички „Денови на македонската култ-ура“ и да ангажира сериозни експерти кои ќе осмислат современа презентација на македонската култура во Европа и светот;
– Веднаш, со декрет, да му се наложи на Министерството за култура да ја повлече таканаречената Стратегија за развој на културата 2013 – 2017 заради нејзината недоквакваност, отсуство на сериозен концепт, панаѓурски третман на културата и навреда за сите кои барем малку разбираат каква култура треба да се развива во оваа држава и за изработка на нова да се ангажираат докажани (институционални но и независни) експерти;
– Веднаш, со декрет, да се распушти Советот на Министерството за култура како крајно некомпетентен, штетен, старомоден и користољубив преку конфликтот на лични и институционални интереси;
– Во вообичаените road show-а Владата да вклучи и еден сериозен експерт до областа на културата, кој би имал единствено задолжение да ги „сними“ искуствата од културните политики во државите што се посетуваат и истите (самокритички) да бидат компарирани со нашиов естраден и спектакловиден културен модел.
5.
Во наведените предлози не ја третирам кадровската политика на Министерството и на Владата во културата. Актуелните состојби говорат самите за себе, и за „кадрите“, така што некаков мој коментар или предлог е излишен! Едновремено, не сакам овде (самоиницијативно и за џабе) да навлегувам подетално во одделни (катастрофални) состојби во културните дејности, во остатокот од законската регулатива, во секојдневното манифестирање на комплетно незнаење и непознавање на културата во целина.
Без оглед на судбината на овие мои предлози, ќе сметам дека сум ја извршил мојата граѓанска и стручна должност да укажам на општите долгорочно лоши политики во македонската култура!