(ВИДЕО) Прскањето против комарци без контрола за неговата (не)успешност

Од:

Град Скопје веќе три пати авионски прскаше против комарци, но, комарци се се уште присутни. Институциите задолжени за успешноста на неговото спроведување – Центарот за јавно здравје – Скопје и Институтот за јавно здравје молчат на прашањата за ефикасноста и во која мера комарците се уништени. Според Законот за заштита на населението од заразни болести, после аплицирањето, неопходно е да се изврши мониторинг на ефикасноста.

Прскањето го спроведува градот, откако Центарот за јавно здравје доставува елаборат, кој треба да содржи мониторинг, испитување, прибирање на податоци од терен. Ако се погледне елаборатот, во него се наведени водени површини и површини за теристичко прскање од земја, но, не и од авион.

Во елаборатот не пишува од кога датираат информациите добиени од општините, a мапирањето е извршено сателитски со онлајн апликација. Она што останува енигма е врз основа на кои параметри и од каде град Скопје го црпи податокот за тоа на кои локации ќе прска авионски и колкава површина, ако се има предвид дека во елаборатот нема ниту план, ниту програма за тоа. Во документот, Центарот за јавно здравје дури јасно препорачува авионската дезинсекција да се изостави над населено место, иако тоа не се почитува години наназад.

Од градот тврдат дека нивната програма за превентивна дезинсекција донесена од Советот е усогласена со елаборатот. Иако со години го спроведуваат тендерот, сепак, не споделија резултати за делотворноста на средството за прскање и какви се воопшто резултатите.

„Мониторингот и конторлата на терен ја врши Центарот за јавно здравје, со поставување на мамци на различни локации во градот и истите ја следат состојбата и го известуваат градот. Лаврицидната превентивната дезинсекција има за цел превентивно да делува и таа цел Град Скопје ја остварува преку авионското и терестичното прскање“, одговараат од град Скопје.

Николина Соколовска од Центарот за јавно здравје – Скопје вели дека во елаборатот им го доловуваат значењето на комарците за здравјето на населението на градските власти, хронолошки им ги претставуваат присутните видови во главниот град. Според неа, сето тоа е измерено во површини и се препорачува колку пати тие треба да се третираат. Бројноста и видовите ги одредуваат со ловилки за возрасни комарци кои ги поставиле на одредени локации и ги менуваат на секои две недели.

„Контролата после извршувањето е обврска на сите Центри за јавно здравје, локални 10 центри се во Македонија, но проблемот е што нема доволно стручен кадар да се направи како што треба. Таа обврска ја остваруваме преку нашето учество во меѓународни проекти, правиме мониторинг и надзор започнуваме од април месец до крај на октомври додека во мрежата не најдеме до последен уловен комарец“, објаснува Соколовска.

Соколовска признава и дека не ја следат резистентноста на комарците, иако тоа по закон се должни да го прават со Институтот за јавно здравје.

„Немаме доказ дека се резистентни, тоа треба да се докаже. Точно е дека подолга употреба на кое и средство да е, не зборувам за делтаметрин, може и друго и да е. После долга употреба може да се појави резистентност, но некогаш се појавува побрзо, некаде помалку се зависи од концентрацијата дали се почитуваат препораките дали добро се аплицира, како се аплицира, дали целокупната површина се третира. Тоа се сите услови кои предонесуваат за појава на резистентност, но и адаптацијата на комарците и менувањето на нивниот генотип исто така влијае врз резистентноста. Но, како се следи видовиот состав треба да се следи и резистентноста. Тоа се уште кај нас не се прави“.

– Не треба вие тоа како институција да го правите?

„Во овие 9 години откако започнавме вака сериозно да се занимаваме со векторите, многу сме напреднати во оваа област, бидејќи дотогаш никој ништо не работеше. Следно што треба и што го преземавме е едукацијата за резистентноста. Затоа и аплициравме во меѓународни проекти за да имаме финансиска поддршка за да се едуцираме. Тоа е долг процес за да можете да се едуцирате и за детерминација на видовите и за резистентност. Треба време, не е тоа толку брзо“, одговара Соколовска.

За набавката на средството против возрасни комарци предмет води и Антикорупциска. „А1он“ пишуваше дека овој биоцид одамна не се користи за авионско прскање во Европа. Институциите уште пред две години побарале од Владата да се ограничи авиодезинсекцијата, но, таа сепак се уште непрекинато се спроведува.

Би можело да ве интересира

Трета фаза од дезинсекцијата против ларви од комарци во Скопје

(ВИДЕО): Производителот „Баер“ испитува зошто со нивното средство против комарци нè прскаат од воздух, спротивно од дозволата за употреба

Петар Клинчарски

ВИДЕО: Нè прскаат со средство против комарци кое е забрането за од воздух

Петар Клинчарски

Прскање против комарци во Скопје

А1он

Град Скопје го одложи вонредното прскање против комарци поради лошото време најавено за утре

Жарко Настоски