Фудбалската федерација на Македонија не ги кажува фирмите со кои соработувала изминативе години по скандалот со главната сметководителка, која се сомничи дека проневерила најмалку еден милион евра со допишување нули на фактурите. Откако „А1он“ го објави скандалот за кој Федерацијата молчеше три месеци, надлежните најавија дека ќе испратат одговори на прашањата со кои компании соработувале и по колку пари им биле префрлани, но одговори не испратија.
За Љубомир Ѓурчески, поранешен член на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија, молкот на Федерацијата воопшто не е изненадување. Тој со години укажува на нетранспарентноста, зачауреноста и незаконското работење во Федерацијата кое резултирало со јавашлук, енормно зголемување плати и вработување роднини на сметка на македонскиот фудбал.
„Финансиското работење на Фудбалската федерација исто така е јавен документ и годишниот финансиски извештај треба да е постојано постиран на веб-страницата на Фудбалската федерација, исто како и буџетот. Тоа го нема, што е спротивно на статутот и на сите одредби за транспарентно и јавно работење во Фудбалската федерација“, вели Ѓурчески.
Тој тврди дека во ФФМ целосно затаила контролата на работењето, години наназад. Сметководителката, според Ѓурчески, е само дел од мрежата надлежни луѓе кои треба да дадат одговори по сомнежот за проневерените пари.
„ Овде станува збор за енормни злоупотреби, почнувајќи од одговорните лица, па и до вработените во Генералниот секретаријат, вклучително и на службите коишто биле задолжени за материјално-финансиско работење, како основа на што сега Фудбалската федерација, по толку години, укажува дека имало злоупотреби и затоа раководителката на финансии е санкционирана и е отстранета од работа. Неспорна е нејзината одговорност и никој нема намера да ја заштити неа од одговорност доколку навистина сторила кривично дело. Вештачењата во постапката во истрагата ќе покажат дали има елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност или нема елементи, тоа е првата работа. Втората работа, кое е вистински одговорното лице? Кој ѝ овозможил? Значи кој ги потпишувал налозите? Кој е овластен потписник? Тоа е главниот проблем. Согласно статутот и согласно правилниците за работа на Фудбалската федерација, овластен потписник е претседателот, а покрај претседателот, како потписник на сметките може да се именува уште еден, двајца или тројца потписници, но да се членови на Управниот одбор или генералниот секретар. Доколку тие и потпишат налози, а не проверат што им се дава на потпис, одговорноста е пак нивна. Ако фактурата била 10.000 евра и ако некој допишал една нула на фактурата и со тоа отишол кај потписникот, не мора да е претседателот, може да се двајца членови на Управен одбор и тие без да проверат ѝ потпишале и овозможиле да го стори тоа дело, извинете, прво тие ќе одговараат“, укажува Ѓурчески.
Најголеми сомнежи за криминал и корупција во ФФМ Ѓурчески вели дека имало во 2013 и 2014 година кога се работеле проектите за тренинг-центарот „Петар Милошевски“ и поставувањето вештачка трева на десет фудбалски терени кога она што било изградено Ѓурчески вели дека не соодветствувало со потрошените пари. Тој инсистира на одговори од ФФМ и за потрошените пари за неизградениот стадион во Прилеп, причини поради кои смета дека се проневерени многу повеќе од еден милион евра.
„На е само еден милион, вкупно се четири и пол милиони. Ова е еден милион, за кој велат дека е злоупотребен од страна на сметководителката, но има основани сомненија за уште други 3,5 милиони евра коишто допрва треба да излезат. Уште во 2016 година зборував и кажав дека милион и пол ѝ се префрлени на Општина Прилеп за изградба на градскиот стадион ‘Гоце Делчев’. Ние сè уште ја немаме затворено таа истрага и не знаеме што е со тие пари, каде се злоупотребени. Проблемот е што за тие пари не сакаат да зборуваат ниту претходниот ниту сегашниот градоначалник. Станува збор за енормно силен притисок од страна на криминогените групи. Фудбалската федерација е зачаурена, нема шанси некој таму да дојде до сметководствена документација, до документи по кој било основ“, нагласува Ѓурчески.
Однесувањето на сметководителката, според Ѓурчески, е сосема очекувано ако се земат предвид сите претходно премолчени празнења на сметката на кои таа несомнено била сведок.
„Таа видела дека раководството во Фудбалската федерација си поткраднува, со дупли фактури, со двојно книговодство, со ова, со она, со зголемени фактури, со неизвршени а фактурирани работи, било да се тоа за вештачка трева на стадионите за кои зборував, било да е тоа за спортскиот центар ‘Петар Милошевски’, каде што ни се појавува една турска фирма во којашто дел од основачите е Илчо Георгиевски, тогашен претседател на Фудбалската федерација. Сето тоа довело до тоа да помисли ако можат тие да поткраднуваат, можам и јас нели, затоа што веќе се изгубила реалноста за вредностите. На пример, во 2013 година сме имале буџет од 5 милиони евра, во 2014 буџетот стигнал 7 милиони евра за потоа да стигне до 14 милиони евра. Штом има поголем прилив веднаш почнува она што велиме јавашлук со расфрлање туѓи пари. Почнуваат да ги зголемуваат паушалите на членовите на Управен, патните и дневните трошоци, па патните и дневните трошоци на работните тела на комисии, па почнуваат да се вработуваат лица, во Фудбалската федерација сега има преку 70 вработени, а додека бев член на Управен одбор имавме само 26 лица и функциониравме многу подобро отколку сега, зборувам за стално вработени. Претседателот се самовработи, спротивно на закон, внимавајте избрано лице се самовработи како професионално вработен во Фудбалската федерација со плата од 250.000 денари. Зборуваме за Илчо Георгиевски, претходниот, ова е продолжение, овој е таму поставен само како фигура“, вели Ѓурчески, кој бил член на Управниот одбор на ФФМ од 2010 до 2013 година.
Против раководството на Фудбалската федерација, вели Ѓурчески, во 2017 и 2018 година се поднесени девет кривични пријави, од кои две се од него, но речиси две години нема никаков резултат.
„Не се преземаат ни предистражни дејствија, господа, во тоа е проблемот. Со вака поставено обвинителство, и со оваа структура на обвинители, и оваа структура на судство, и така поставено, и така потпаднати под влијание на политиката, зборувам за двете институции, и за судството и за обвинителството, мислам дека нема да се реши. Зошто ова го кажувам? Значи, колегите во судот и во Обвинителството ги ценам ненормално, знам дека таму има прекрасни професионалци, но не можат да дојдат до израз поради политиката, поради инсталацијата на мафијата во власта којашто врши силен притисок на сите институции, партизирани институции. Сè додека судиите и обвинителите се тепаат да станат адвокати заради митото и корупцијата, сè до тогаш ќе имаме ваква состојба. Ви тврдам дека овој проблем може да се реши во рок 24 часа. Врз основа на сите докази во кривичните пријави се поднесува обвинителен акт, се спојуваат сите пријави во една, се поднесува обвинителен акт во којшто ќе бидат опфатени и Управниот одбор, претседателот, потпретседателот и службите, генералниот секретар и сите други коишто кумувале на тој криминал и ќе биде побарана времена мерка. Нема потреба да им се изрекува притвор, зошто притвор, времена мерка. Бујрум Агенција за млади и спорт, обезбедете го и зачувајте го имотот, спроведете сè како што треба според закон. Не дека сум најпаметен, дека обвинителите не го знаат тоа, го знаат арно ама митото и корупцијата преку политичките партии, и на претходната и на оваа владејачката, си го прават своето“, вели Ѓурчески.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, вели за „А1он“ дека во 2019 година имаат поднесено две кривични пријави против поранешни и сегашни функционери во Фудбалската федерација поради работење спротивно на Законот за спорт. Будно ја следат состојбата и подготвени се постапат доколку надлежните институции донесат одлука за нивно инволвирање.
„Секој кој го прекршил законот и кој направил каква било проневера на финансиски средства што доаѓаат дали од државата, дали од меѓународните организации, односно федерации, како што е во конкретниот случај, треба да сноси одговорност. Апелираме до службите, апелираме и до сите надлежни институции што е можно побрзо да го расчистат овој процес, да ги расчистат сите овие процеси за коишто и ние како институција имаме поднесено кривична пријава, во интерес на фудбалот и во интерес на спортот. Спортот не смее да трпи вакви настани, вакви противзаконски случувања, вакви случувања кои го оптоваруваат фудбалот во нашата држава. Моментално топката е во нивни раце, соодветно врз база на законите да реагираат со цел сè она што е надвор од законите да биде исправено и правдата и правичноста да бидат во интерес на сите граѓани, во интерес на спортот, во интерес на фудбалот“, вели директорот Каевски.
За случајот со сметководителката од Обвинителството, за „А1он“ рекоа дека е оформен предмет и дека надлежниот обвинител издал наредба за прибирање потребни известувања по однос на кривичното дело опишано во пријавата. На финансискиот скандал во ФФМ работи и Управата за финансиска полиција од каде за „А1он“ кусо изјавија дека го проверуваат финансиското работење неколку години наназад.