(ВИДЕО) Скандал во ФФМ: Со допишување нули сметководителката проневерила над милион евра, ги трошела на луксузни патувања, автомобили, чевли од 1.000 евра

Од:

Скандал со перење пари и злоупотреба на службена положба ја тресе Фудбалската федерација на Македонија. Главната сметководителка на Федерацијата, Олгица Младеноска, се сомничи дека со години допишувала нули на фактурите за да добие поголема сума пари од ФИФА и УЕФА, водела двојно книговодство, шурувала со фирми кои пружале различни услуги на ФФМ со кои го делела ќарот и само во последните две години го оштетила буџетот на Федерацијата за повеќе од еден милион евра.

Вработени во Федерацијата за „А1он“ велат дека Младеноска водела луксузен живот на сметка на ФФМ. Доаѓала на работа со чевли од 1.000 евра, со чанти кои чинат неколку нејзини официјални плати, со скапи парфеми…

„Кога правеше слави дома, имаше послуга. Луксуз се гледаше на сите страни. Таа вози ‘лексус’, нејзиниот сопруг ‘хјундаи’, а за синот, кој патем студира во Италија, купи ‘мини купер’. За матурската на синот Северина пееше на видеобим. Трипати годишно одеше на одмор, и тоа секогаш на скапи места, места кои со нашите плати е невозможно да се посетат“, велат вработени во Федерацијата кои бараа да останат анонимни.

Иако со години Младеноска водела луксузен живот, од Федерацијата се посомневале во неа лани во октомври. Поднеле кривична пријава против неа и против непознати лица за кои претпоставуваат дека ѝ помагале. Младеноска истиот месец прво била суспендирана, а потоа и избркана од ФФМ, каде што работела околу три децении. Молчеле за скандалот со месеци оти сметале дека ако ја информираат јавноста ќе наштетат на истрагата.

Младеноска во ФФМ работела три децении

„Тоа се случи на 9 октомври 2019 година, следниот ден, на 10 октомври, за нас лесен за паметење бидејќи имавме фудбалски натпревар со Словенија, поднесовме кривична пријава во Јавното обвинителство. Се товари за злоупотреба на службената положба и овластување за перење пари и други приноси од казниво дело и измама во службата. Тоа е начинот на којшто ФФМ одговори откако утврди сомнение за нејзината работа. Првично беше суспендирана од работа, кратко потоа доби отказно решение“, вели Златко Андоновски, портпарол на Фудбалската федерација на Македонија.

Јавното обвинителство потврди дека се работи по пријавата од Фудбалската федерација.

„По добивањето на кривичната пријава, во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е оформен предмет. Надлежниот обвинител што постапува по истиот издаде наредба за прибирање на потребни известувања по однос на кривично – правниот настан опишан во пријавата. По добивање и анализа на побараната документација ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука“, изјавија од Обвинителството за „А1он“.

Фудбалската федерација на Македонија како непрофитна организација работи со пари кои  главно ги добива од Светската и од Европската фудбалска федерација, ФИФА и УЕФА. Од ФФМ велат дека двете организации се известени за сомневањата за проневера на парите наменети за фудбал.

„Веднаш е пријавено и во Европската и во Светската фудбалска асоцијација, уште повеќе што претседателот на Фудбалската федерација имаше и состанок со првите луѓе на УЕФА и ФИФА. Насоките од таму се да се соработува со институциите и да се чека крајот на истрагата“, рече портпаролот Андоновски.

Од ФФМ не кажуваат за колку пари им е оштетен буџетот. Очекуваат истрагата да ја утврди точната сума. Не кажуваат ниту кој освен Младеноска учествувал во празнењето на сметката на ФФМ.

Истражителите кои работат на случајот за „А1он“  велат дека успеале да откријат повеќе од милион евра проневерени пари на Федерацијата, но тоа е само од проверките на 2019 и 2020 година. Допрва ќе се истражува периодот пред 2018 година, па очекуваат дека сумата значително ќе порасне. Нивниот впечаток е дека, ако се земат предвид сумите, на ФФМ ѝ се случил „Боки 13“ број два,  алудирајќи на случајот „Рекет“.

Од Управата за финансиска полиција за „А1он“ само кусо потврдија дека и тие работат на финансискиот скандал во ФФМ.

„Се врши детална проверка и ревизија на целото финансиско работење на ФФМ за неколку минати години“ , изјави Арафат Муаерми, директор на Управата за финансиска полиција за „А1он“.

Сметководителката на ФФМ е недостапна за коментар. Со оглед на тоа што  од ноември не оди на работа, „А1он“ ја побара на домашна адреса. Куќата, којашто нејзините колеги ја опишуваат како палата, е се видеонадзор. Портата беше заклучена и иако во дворот беше нејзиниот автомобил и автомобилот за кој нејзините поранешни колеги велат дека е на нејзиниот сопруг, никој не отвори. Во дворот има неколку објекти, а по неколку ѕвонења на домофонот во најблискиот објект забележавме движење, но никој не излезе.

Постепено во дворот, кој спојува три парцели и има површина од 1.200 квадратни метри, Младеноски изградиле две куќи

Соседите велат дека Младеноска со семејството се доселила пред десетина години и за целиот период семејството не престанало да гради. Постепено во дворот, кој спојува три парцели и има површина од 1.200 квадратни метри, изградиле две куќи, едната само со приземје, а другата, понова и помодерна, со приземје и кат.

Вработените во ФФМ велат дека не е првпат Малденоска да биде дел од голем финансиски скандал. Пред неколку години исто така утврдиле дека недостасува голема сума пари во касата, а откако пријавиле, вработените сведочат дека Младеноска со лисици на рацете ја изнеле од Федерацијата, поминала и два дена во притвор, но за кусо време се вратила на работа.

Би можело да ве интересира

Седум клубови во македонскиот фудбал под истрага за местење на натпревари

Орце Костов

Кражбата во средното училиште во Охрид ја извршила ученичка

Лажеле дека им била ограбена куќата, па заработија кривична пријава

Девет лица отишле да ја ограбат „Пелагонија“, натовариле три возила – фатени се на дело

Велешанка го ограбила мажот со кој претходно била во врска

Крадела новчаник од пациентка во болницата во Тетово, 42-годишна жена фатена на дело

Анита Петровска Рајковиќ