„Huawei“ e виновен за кражба на деловни тајни

Од:

Кинескиот технолошки гигант „Huawei“ е прогласен за виновен за заговор за кражба на деловни тајни и за банкарска измама, во случај што се однесува на работењето на компанијата за време на нејзиниот подем кон позицијата еден од водечките светски производители на телекомуникациска опрема. Пресудата беше донесена во вторникот од страна на порота во федерален суд во Њујорк, објави „Асошиејтед прес“.

Истовремено, поротата го ослободи „Huawei“ од најтешкото обвинение – учество во криминален заговор со цел изнуда, односно рекетирање. Компанијата, исто така, беше обвинета за водење деловни активности во земји кои се под санкции на САД, вклучувајќи ги Иран и Северна Кореја, како и за давање лажни изјави пред американски службеници и банки со цел прикривање на своите активности.

Правните застапници на „Huawei“ ги отфрлија обвиненијата, тврдејќи дека американските истражители претставиле изолирани инциденти – во кои биле вклучени само неколку поединци од вкупна работна сила од над 200.000 луѓе – како дел од поширок криминален заговор. Брајан Хеберлиг, правен застапник на компанијата, најави дека ќе поднесат жалба на пресудата за вина, истакнувајќи дека ослободувањето од обвинението за заговор за изнуда претставува потврда оти најсериозните наводи на обвинителството биле неосновани. Во својот завршен збор пред поротата, одбраната наведе дека обвинителството се потпирало на „наговестувања и факти извадени од контекст“, како и на сведочења на поранешни вработени кои, според адвокатите на одбраната, имале нерасчистени сметки со компанијата.

Одбраната, исто така, посочи дека низ годините „Huawei“ има платено милијарди долари за лиценци, при што приближно 75 отсто од таа сума завршиле кај американски компании. Дополнително, беше нагласено дека компанијата преземала дисциплински мерки или ги отпуштала вработените за кои било утврдено дека ги прекршиле нејзините правила.

Од друга страна, обвинителството тврдеше дека кражбата на технологија била долгогодишна практика во компанијата. Во обвинението се опишуваат случаи како што се наводното прибавување на изворниот код на конкурентите за интернет-рутери, тајното фотографирање на електронски компоненти од мрежен уред на саем во Чикаго, како и однесувањето на роботска рака од лабораторија на конкурент, со цел таа да се фотографира и измери.

Според судските документи, меѓу компаниите погодени од овие дејствија се „Cisco Systems“, „Motorola Solutions“, „T-Mobile“, „Quintel USA“ и „Fujitsu“.

Обвинителката Мередит Арфа изјави дека, врз основа на доказите на обвинителството, наредбите за овие активности доаѓале од највисокото раководство на компанијата. Таа истакна дека раководители и директори учествувале во дејствија што вклучувале доведување на банки во заблуда, кршење на санкциите на САД, давање лажни искази пред Конгресот и обиди за попречување на истрагите.

Иако во обвинението имаше наводи за постапките на највисокото раководство, ниту еден поединечен директор или вработен не беше изведен пред суд во оваа постапка.

Меѓу претходните случаи што ги нарушија односите на „Huawei“ со американските правосудни органи беше правната постапка против главниот финансиски директор на компанијата, Менг Ванжу – ќерката на основачот на „Huawei“. Таа беше обвинета дека ја довела во заблуда банката „HSBC“ во врска со деловните операции на компанијата во Иран. Таа беше уапсена во Канада во 2018 година, а во 2021 година ѝ беше дозволено да се врати во Кина, по постигнувањето договор со кој беа ослободени и двајца канадски државјани кои беа притворени во Кина. Како дел од тој договор, САД ја запреа правната постапка против неа.

САД поднесоа кривични пријави против „Huawei“ на почетокот на 2019 година, а подоцна ги проширија. Евентуални нови пресуди би можеле да резултираат со парични казни за компанијата во износ од милијарди долари.

Кинеските претставници претходно го опишаа притисокот на САД врз „Huawei“ како „економско малтретирање“, обвинувајќи го Вашингтон дека ја користи националната безбедност како изговор за ограничување на работењето на кинеските компании.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Филмски грабеж на замрзнато пилешко во Египет

А1он

(ВИДЕО) Кражба на бакар од електро влечната потстаница Драчево, предизвикана е штета од 5 милиони евра

А1он

Крадци украдоа сеф со 200.000 евра од менувачница

Млади кумановци украдоа маси и столови од локал, кражбата ја признаа во полиција

Горан Наумовски

МВР: Уапсен скопјанец за кражба на бакарни кабли вредни 200.000 евра

Горан Наумовски

Четворица малолетници се обидоа да го ограбат манастирот „Св. Наум Охридски“ на Попова Шапка