Охридскиот санитарен инспектор Новица Шуменковски неовластено уништувал храна и пијалаци во најмалку 16 фирми. Инспектори од Управата за финансиска полиција на овој случај работат од почетокот на месецов, по објавата на „А1он“ дека санитарниот инспектор неовластено уништувал храна и пијалаци со наводно истечен рок на траење, а фирмите врз основа на неговиот потпис си барале поврат на ДДВ од државата.
„Под сомневање дека неовластено се уништувале пијалаци нашите инспектори влегоа во една охридска фирма, но истрагата се прошири и сега имаме вкупно 16 фирми во кои се уништувале и пијалаци, но и храна која се заведувала како стока со истечен рок на траење, инспекторот потпишал дека треба да се уништи, а фирмите барале поврат на ДДВ“, велат од Управата за финансиска полиција.
Не ги откриваат имињата на 16 – те фирми во кои се вршело неовластеното уништување храна и пијалаци ниту пак кажуваат какви се прекршувања за законите утврдиле досега. Најавуваат целосно информации откако ќе ја комплетираат истрагата.
„А1он“ објави дека санитарниот инспектор Шуменковски со години уништувал храна и пијалаци во Охрид иако немал овластување. Храна и пијалаци, според актуелните закони може да уништуваат само инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство. Од Агенцијата за „А1он“ изјавија дека не му издале такво овластување на Шуменковски кој не е вработен кај ни туку во Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Во документите до кои дојде „А1он“ за неовластеното уништување храна и пијалаци стои дека само во последните три години биле уништени околу 500 тони храна и пијалаци во Охрид. Извори за „А1он“ велат дека не постојат докази дека храната била со истечен рок, а нема докази и дека била уништувана па постојат сомневања дека повторно била продавана.
Случајот го открила Управата за јавни приходи од каде се посомневале во фирмите кои многу често барале поврат на ДДВ за уништена храна. Побарале од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да им потврдат дека нивен инспектор уништува храна. Контролата на ДСЗИ покажала дека навистина нивниот инспектор Шуменковски неовластено уништувал храна, иницирале дисциплинска постапка за него, а откако Инспекцискиот совет му ја одзел лиценцата, му изготвиле и решение за прекин на работниот однос.
Шуменковски за „А1он“ кусо потврди дека ги пречекорил овластувањата и уништувал храна, но не објасни зошто го правел тоа.