Финансиска полиција им влезе во трага на Шуменковски и фирмите што уништуваа пијалаци

Од:

Инспектори од Управата за финансиска полиција од утрово ја проверуваат документацијата на фирма во Охрид во која неовластено биле уништувани огромни количини пијалаци со наводно истечен рок на траење. Проверката следи по објавата на „А1он“ минатата недела дека санитарен инспектор без овластување уништувал храна и пијалаци, а едни исти фирми потоа си барале поврат на ДДВ.

Од Финансиската полиција за „А1он“ велат дека имаат сомневања за сериозни законски прекршувања.

„Овој пат влеговме во фирма во која што неовластено биле уништувани огромни количества пијалаци, алкохолни и безалкохолни. Контролата е во тек. За какви се прекршувања се работи ќе знаеме откако инспекторите ќе ја завршат инспекцијата“, велат од Управата за финансиска полиција за „А1он“.

Во документите до кои што дојде „А1он“ за неовластеното уништување храна и пијалаци во Охрид стои дека само во последните три години, биле уништени приближно 7,5 тони пијалаци со поминат рок. Тие биле само дел од над 500 – те тони уништена храна и пијалаци исконтролирани од санитарниот инспектор Новица Шуменковски, кој немал овластување за уништување храна.

Инспекторот Шуменковски нема објаснување зошто неовластено уништувал храна и овозможувал на фирмите да бараат поврат на ДДВ од државата, но за „А1он“ потврди дека ги пречекорил овластувањата.

Со негов потпис се уништувале тони месо, кашкавали, сирења, алкохол, сувомесни производи, чоколади, апетисани, замрзнат зеленчук, кисела вода. Извори за „А1 он“ велат дека не постојат докази дека храната била расипана, уште помалку дека била уништена, а постојат сомненија дека била продавана на рака и на црно. Во уништувањето храна се посомневала Управата за јавни приходи оти едни исти фирми од Охрид многу често барале поврат на ДДВ за уништена храна со поминат рок. Побарале објаснување од Државниот санитарен и здравствен инспекторат да им потврди дека нивен инспектор уништува храна. Од ДСЗИ, постапувајќи по барањето, утврдиле дека нивниот инспектор без овластување уништувал храна поради што е иницирана дисциплинска постапка за него, Инспекцискиот совет му ја одзел лиценцата и согласно Законот за инспекциски надзор изготвено му е решение за прекинување на работниот однос.

Какви мерки дополнително ќе се преземат за инспекторот Шуменковски зависи од истрагите кои треба да покажат за колку пари го оштетил државниот буџет.