Илјадници евра секоја година, но реализацијата на проектите никој не ја следи. Ниту една од четирите општини, Струмица, Валандово, Петровец и Василево, нема комисии кои го следат трошењето на народните пари и реализацијата на проектите за кои се исплаќаат средствата. Од информациите кои ги доби Организацијата на жени на Општина Струмица се гледа дека за илјадниците евра распределени по организациите никој, освен Струмица, не склучува ниту засебен договор за финансиска поддршка. Меѓу финансираните здруженија за годинава има и организација која според Централниот регистар е деловно неактивна, односно не работи. Слабите механизми доведуваат до злоупотреби на средствата.
Преку извештаи, од кои не доставија копија, Струмица тврди дека ја следи реализацијата на проектите за кои исплаќа пари. Но, кога Организацијата на жени ги побара извештаите за програмите Г1-Поддршка на Локалниот економски развој, В2-Социјална заштита/Трансфери до невладини организации, Општина Струмица кажа дека не може да ги достави бидејќи дел содржат лични информации, а извештаите од друга програма се премногу обемни и затоа не можат да ги достават. Единствено, ги добивме само извештаите од парите доделени за поддршка на спорт и млади.
Поради ова не може да се направи проверка дали финансираните здруженијата го реализирале тоа што го напишале. Но, ниту Струмица нема комисија која би можела да направи проверка на терен, па така, им се верува на доставените документи. Обидот да се исконтактира градоначалникот Коста Јаневски за повеќе информации околу реализацијата на проектите остана безуспешен. Тој не одговори на нашите повици.
Во Василево, иако секоја година се финансираат организации, никој не бара отчет како се потрошени парите. За разлика од Струмица, каде што се бара извештај, тука тоа не се прави на кој било начин. По исплаќањето на средствата, здруженијата се слободни да ги трошат без да ги правдаат со фискални сметки, сметкопотврди, фактури или на друг начин. Ваквиот слаб механизам остава простор народните пари да завршат и за друга цел, бидејќи општината нема ниту комисија што би го следела текот на парите или реализацијата на проектите.
Ништо поразлично не е ниту во скопската Општина Петровец. И таму со години нема комисија која би се занимавала со начинот на кој се трошат парите доделени на организациите од страна на општината. Тука, слично како и во Струмица, организациите доставуваат извештај до Советот на општината, каде и го презентираат. Градоначалникот Борче Митевски смета дека тој е доволен механизам.
„Даваме пари, на пример, клубовите да платат котизација од 80.000 за една фудбалска сезона, да обезбедат автобус, здравствени прегледи. И за ова враќаат годишен извештај, преку кој се гледа каде се дадени парите. Тој извештај го презентираат пред Советот на Општина Петровец“, вели градоначалникот Митевски за „А1он“.
Единствен од четворицата градоначалници кој сам кажа дека ќе работат на подобрување на механизмот за контрола на проектите и исплатените средства е Перо Костадинов, прв човек на Валандово. И во оваа општина, како и во другите, засега не се бара отчет за народните пари кои завршиле како помош на организациите. Тука не се бараат, ниту се доставуваат извештаи, исто како и во Василево.
„Во суштина, средствата ги доделуваме за видливи работи, односно проекти каде што се инволвира голем дел од граѓанството. Така ја гледаме реализацијата. Но, имаше и случај каде доделивме средства на фудбалски клуб кој згасна. Тогаш баравме да ни дадат извештај каде се потрошени парите“, вели градоначалникот Костадинов за „А1он“.
Извештаите за спроведените активности на организациите финансирани од општините мора да бидат јавно објавени, смета и Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации. Според неа, нетранспарентноста е неприфатлива, за финансираните проекти се трошат јавни пари.
„Постои исклучително ниско ниво на транспарентност во доделувањето на финансиските средства од општините. Доминантен дел доделуваат средства без претходно да објават јавен повик, а по доделувањето на средствата не ги објавуваат ниту информациите за организациите кои добиле поддршка од општините. Ваквата нетранспарентност е неприфатлива ако се има предвид дека станува збор за трошење јавни пари. Центарот за граѓански комуникации веќе со години се залага за задолжително објавување јавен повик за доделување на средствата од буџетската линија за поддршка на невладини организации. На овој начин ќе се овозможи пристап до буџетските средства под еднакви услови за сите организации на граѓанското општество. Потоа бараме општините однапред да ги дефинираат начинот, процедурата и периодот на распределба на средствата, што подразбира и јасно утврдени критериуми за доделување на средствата и дефинирани приоритети. На овој начин ќе се избегне ризикот од фаворизирање на одредени организации и активности на граѓанското општество наспроти запоставувањето на други. И на крајот секако потребно е задолжително да се објават имињата на организациите добитници на финансиски средства, намената на доделените средства, нивната висина, како и извештаи за спроведените активности. На овој начин, целата јавност ќе има увид во оправданоста за доделените средства и начинот на којшто се искористени“, смета Факиќ.
Без јавни повици и услови за учество, но и критериуми за доделување средства, неколку општини доделувале илјадници евра на здруженија, клубови, фондации. Изминативе четири години имало и прекршување на процедурите за евалуација и оценка на апликациите. За висината на средствата се одлучувало според желбата на градоначалникот, а не според критериуми. При истражувањето наидено е на судири на интереси, каде исти лица или членови на нивните семејства биле во комисиите, односно советите на општините, каде што се одлучува кому ќе му се исплатат народни пари за финансирање проекти.
Истражувањето е спроведено во рамки на проектот “Граѓански организации и медиуми против корупција – Коалиција за нулта толеранција”, поддржан од Европската Унија. Содржината на истражувањето е единствена одговорност на Oрганизација на жени од Струмица и „А1он“ и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.