Без критериуми, три општини делеле илјадници евра на здруженија и спортски клубови

Од:

Без конкурси, без услови за учество и без критериуми за доделување средства, неколку општини давале илјадници евра на невладини организации. Наместо според проектот и критериумите, често за висината на паричните средства си одлучувал градоначалникот или советот на општините. И така секоја наредна година, едни исти на ист начин ги полнат џебовите.

Четирите општини беа таргет на мониторинг на Организацијата на жени на општина Струмица. Од Петровец, Василево, Струмица и Валандово, само една општина има методологија и критериуми за распределба на парите наменети за здруженијата.

Скопската општина Петровец четири години по ред без конкурси доделува пари на различни организации

Скопската општина Петровец четири години по ред без конкурси доделува пари на различни организации. Во општината нема методологија, критериуми и комисии за оценување, а не се знае ниту кај кои здруженија завршуваат парите.  Општината Петровец со години не објавува одлуки за распределба на овие пари и нема никаква транспарентност за леснотијата со која ги троши парите на граѓаните.

Наместо објаснување и документација за доделените средства, од Општина Петровец со игнорантски однос велат:

„Во врска со прашањата за финансиското работење, поддршката и другите прашања поставени погоре во наведените барања, а кои се меѓусебно содржински поврзани, нашиот одговор на истите е дека немаме“, пишува во одговорот.

Општината Петровец изминативе четири години преку ставката за исплата на пари на невладини организации во просек доделувала од 17 до 21 илјада евра секоја година. Додека, пак, од ставката за разни трансфери, префрлала во просек по 15 илјади евра годишно.

Во Општина Василево исто така нема јавни повици, ниту критериуми за финансирање граѓански организации, иако редовно се исплаќаат пари

Во Општина Василево исто така нема јавни повици, ниту критериуми за финансирање граѓански организации, иако редовно се исплаќаат пари. Во оваа општина буџетски средства дури се предвидуваат и за одбојкарски клуб кој во моментов не работи. Ваквиот потег оттаму го правдаат со „треба да има средства во случај да почне да работи“.

Наместо правила за финансирање, парите се доделуваат откако градоначалникот ќе има неофицијални средби со одредени здруженија и спортски клубови, каде што претставниците се информираат за тоа дали, како и колку средства можат да добијат.

На ваков начин, во 2017 година се распределиле дури 48.918 евра, од кои 1.138 евра биле исплатени на здруженија, а останатите завршиле во спортски клубови. Во следните три години буџетот за исплата на средства за оваа намена се намалувал. Па така, во 2020 година се предвидени 26 илјади евра. Иако годината не е завршена, средствата веќе се исплатени. Но, на кои спортски клубови и здруженија им се исплаќаат парите е непознато, бидејќи општината не ги објавува одлуките за распределба на доделените средства, за кои одлучува градоначалникот и Советот на Василево. Тие не склучуваат ниту договори со примателите на парите.

„Немаме формирано комисии за оценување апликации од здруженијата, ниту одлука за распределба на средства“, велат во одговорот од Василево.

Од четирите општини, само Валандово и Струмица објавуваат јавни повици на кои можат да се пријават организации за да добијат општински пари

Од четирите општини, само Валандово и Струмица објавуваат јавни повици на кои можат да се пријават организации за да добијат општински пари. Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, тврди дека повиците се објавуваат и на општинската веб-страница, но, по пребарувањето, ние не успеавме да ги најдем, освен повикот за 2020 година.

Валандово има комисија за оценување која нема критериуми, а не составува ниту записник при носењето на одлуките за финансирање организации со народни пари.

Општината изминатите четири години, сепак, нема методологија за доделување на парите, а не се склучуваат ниту договори за исплата на средствата. Ова создава можност општината да не може да ги побара парите назад доколку тие се трошат ненаменски, ниту, пак, постојат фази и начин по кои мора да се реализира проектот.

Задоволително ниво на транспарентност во постапката за доделување финансиски средства има во Струмица

За разлика од претходните општини, Валандово објавува кај кои организации се направени исплати. Четири години наназад најголем дел од парите завршувале во спортски клубови. На листата организации кои добиле пари има и ловечки друштва, фестивали, игроорни друштва, Здружението на информатичари, Сојузот на борци. Задоволително ниво на транспарентност во постапката за доделување финансиски средства има во Струмица. Таму парите се доделуваат откако ќе се распише јавен повик, каде што може да учествуваат сите кои ги исполнуваат условите, а доделувањето се прави според методологија и критериуми. Но овде, голем дел од граѓанските организации не се задоволни од начинот на распределба на парите. Впечатливо е што доколку се погледнат одлуките, ќе се утврди дека секоја година парите ги земаат речиси истите здруженија. И покрај сите процедури, организациите сметаат дека процесот на оценување не е транспарентен бидејќи постојат случаи кога тие не добиле пристап до записниците од оценувањето на апликациите.

Струмица, за две програми, односно Г1-Поддршка на локалниот економски развој и В2-Социјална заштита/Трансфери, од 2017 до 2019 година исплатила околу 154.000 евра. Годинава пак, според решението на општината, доделени се околу 48.000 евра само за програмата за поддршка на локален економски развој.

Дел од граѓанските организации наведуваат дека едни исти организации со години добивале пари за проекти, а со максимални бодови биле оценувани човек-организации.

Повеќето претставници на здруженијата го проблематизираат ваквиот однос на општините и бараат да се смени начинот на функционирање, за наместо ниска или воопшто никаква транспарентност, распределбата на парите од граѓаните да биде пред очите на јавноста.

Продолжува…

Истражувањето е спроведено во рамки на проектот “Граѓански организации и медиуми против корупција – Коалиција за нулта толеранција”, поддржан од Европската Унија. Содржината на истражувањето е единствена одговорност на Oрганизација на жени од Струмица и „А1он“ и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Би можело да ве интересира

Општини за еднодневен престој на куче во прифатилиште плаќале за 244 отсто повеќе од просечната цена

Орце Костов

Во спортките клубови завршиле над 90 отсто од парите на општините наменети за невладини организации

Орце Костов

Донесена одлука за пренамена на буџетски средства во износ од две милијарди денари за 66 проекти во општините во државава

Колева: ДПМНЕ да се заблагодари на граѓаните и на Владата за обезбедените пари за општините, не на Мицкоски

Предраг Петровиќ

Општините и училиштата ги издаваат салите и терените нетранспаренто, без криетриуми, некогаш и без надомест

Катерина Ѓуровски

Владата го трошела буџетот на одделни институции, долгот зголемен за 567 милиони евра, утврдија ревизорите

Орце Костов