Заев: Бруто плати од државата за вработување на младите во приватните компании

Од:

Обезбедување трајни работни места за младите и нивно дообразување преку бруто плата што ќе ја дава државата, е новата владина мерка, т.н. младинска гаранција, што ја најави денеска премиерот Зоран Заев на деловниот појадок со Сојузот на стопанските комори.

Целта на мерката вредна 500 милиони денари или 8,8 милиони евра до крајот на годинава, рече Заев, е младите да се задржат во Македонија, односно да се спречи одливот на мозоци.

– Младинската гаранција значи државата да финансира во одреден период директно пари за бруто плати на млади луѓе кои завршиле образование и се подготвени да се пуштат во тренинг или во трајно вработување. За бизнис заедницата тоа ќе значи бесплатно подготвување кадар, обучување на претходно теоретски подготвените млади луѓе, со намера, ако навистина вредат, да добијат трајно вработување и да биде искористен нивниот потенцијал, истакна Заев во обраќањето на појадокот.

Конечна цел, дополни, е луѓето да останат овде и да планираат свои семејства во Македонија.

– Определивме квалитетни средства за оваа намена кои во најголем сегмент сакаме да ги имплементираме во бизнис заедницата, односно преку приватните компании. Ако засега проектирана сума од 500 милиони денари се мултиплицира тројно или за четири пати, бројката ќе биде огромна со единствена цел, стопанството трошковно да се растовари и да се реши проблемот на младите кои немаат ден практично искуство, како и да останат во Македонија, објасни премиерот.

Во овој контекст побара поддршка и соработка од компаниите. Побара и да бидат похрабри во обезбедувањето нови работни места за кои државата, рече, ќе плаќа пари.

Според Заев, мал дел од средствата за т.н. младинска гаранција ќе одат кај универзитетите, за доедукација на младите, а другиот, најголемиот дел, кај бизнис заедницата.

– Да изготвите добри понуди зашто не сакаме младите да бараат работа само во администрацијата. Тоа не е добро. Администрцијата е обемна и имаме намера да ја намалиме за бизнисот да има повеќе ресурси, укажа премиерот, потенцирајќи дека заминувањето на секој млад човек, Македонија ја чини околу 100.000 долари.

Заев најави и дека во ребалансот на Буџетот првпат е отворена т.н Д6 програма за поддршка на домашното стопанство, наспроти досегашната Д5 за поддршка на странските компании.

– Тоа значи еднаков третман на сите, и на македонските и на странските компании, не само во однос на условите, туку и во делот на административните постапки каде беа привилегирани странските вложувачи, истакна Заев.

Според него, директната државна помош за инвеститорите продолжува, но условите се изедначуваат и за странските и за домашните компании. Висината на поддршката, пак, ќе зависи од вкупниот број нови работни места, соработката со домашните фирми (купување репроматеријали, суровини, услуги,..) и бројот еколошки проекти,…

– Мерките на претходната влада во одреден момент биле злоупотребени, а во одреден момент дале ефект. Да учиме од она што било добро, да го надградиме, да го подобриме, но да го отсраниме она што било слабост, порача Заев.

Оценка на Владата е дека даночна евазија во Македонија е огромна, до 30 отсто, дека мора да се применат мерки за борба против сивата економија и нелојалната конкуренција, како и дека се неопходни реформи на инспекциските служби.

– Наша цел е да ги наплатиме даноците, но ќе ни треба поддршка од деловната заедница да се разбереме. Првата инспекциска контрола сметаме дека треба да биде предупредување, да не дојде инспекторот со намера да казни. Никој не сака да не си ги плати давачките кон државата. Казни ќе има ако не се плати долгот, а претходно се укаже или се даде рок од 30 дена, подвлече претседателот на Владата.

Претходно претседателката на ССК Данела Арсовска ги соопшти пакетот 75 мерки кои се предлагаат за ефикасно, како што рече, спроведување на структурните реформи, подобрување на инвестициската клима и деловното опкружување во земјава.

Реформа на инспекциските служби, сузбивање на сивата економија и учество на деловната заедница во креирањето на економските политики, се трите клучни барања на стопанството.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев го повтори ставот дека Владата нема да се меша во работењето на компаниите, ниту ќе креира политички фирми, туку единствено ќе се труди да создаде поволен деловен амбиент.

– Да ги ставиме во функција домашните капацитети, да го зголемиме извозот и да ги користиме обновливите извори на енергија, се наша примарна цел, истакна Анѓушев.

На деловниот појадок претседателите на коморите во рамки на ССК укажаа на некои од најгорливите проблеми со кои се соочуваат, по што ресорните министри даваа одговори и ги изнесуваа владините проекции.

Беше побарано фирмарината да не важи еднакво за големите и малите фирми, на што министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека треба да се направи разлика и дека Владата е подготвена на таков чекор.

Огнен Оровчанец од Агробизнис комората побара решавање на проблемот со сезонските работници и намалување на вкупните производни трошоци поради постојните за нотари, етикети, бандероли, фитотакси,… Укажа и дека земјиштето не се користи доволно или воопшто поради што побара формирање ад-хок групи кои би вршеле распределба веднаш, наместо да се чека на решавање на евентуалните имотно-правни спорови и по пет до шест години. Став на Оровчанец беше и дека субвенции за земјоделството треба да има, но само ако точно се знае како и за што се трошат парите. Оровчанец побара и на месната индустрија да и се дозволи увоз на свинско месо без притоа да им се наштети на домашните свињарски фарми.

На тоа министерот за земјоделство Љупчо Николовски рече дека во фокусот на Владата се и земјишната политика, распределбата на површините, нивното окрупнување, искористувањето на ИПАРД средствата, анализата на ефектот од субвенцииите,…

На деловниот појадок присуствуваат повеќе од 200 компании, ресорни министри, амбасадори, претседатели на комори…

Би можело да ве интересира

Ангелоски: Очекуваме што е можно побрзо Владата да ги договори условите за унгарскиот кредит

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост

СДСМ: Докажете или престанете да лажете за Филипче

Предраг Петровиќ

Заев и Ципрас загрижени за порастот на националистичкиот популизам, ќе работат на зачувување на Преспанскиот договор

A1on

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

ССК: Кинескиот пазар стратешка цел за извозот на македонската храна и вино