За власта луксуз е да јадеме риба и овесни снегулки, а мајонезот е поскап оти се грижи за нашето здравје

Од:

По бурните реакции на граѓаните во сите супермаркети во кои „А1он“ направи обиколка дека цените се покачени не само на луксузните производи, туку на производите кои ги користат во секојдневната исхрана, Министерството за финансии се обиде да ја оправда одлуката на Владата дека повластената стапка од 10% данок е за производи кои се штетни за здравјето на граѓаните, а нејзина цел е токму заштитата на здравјето и стандардот на граѓаните.

„ Одлуката содржи над 1600 производи, кои со новата одлука ќе продолжат и понатаму да се оданочуваат со најниската даночна стапка од 5%. Тука спаѓаат месо – говедско и свинско, кланични производи во саламура, чадено и сушено, риба – пастрмка, крап, други слатководни риби, ослич, млеко, павлака, кисело млеко, јогурт, ќефир, сирење, најголем дел од кашкавалот, путер, јајца, природен мед, желудници, зеленчукот и овошјето, урми, смокви, агруми (портокали, лимон, мандарина, грејфрут), брашно од пченица и и брашно од жита, пченица, јачмен, рж, ориз, пченка, соја, кикиритки, сончогледово масло, маслиново масло, пченкарно масло, маргарин, колбаси и други конзервирани производи од месо, конзервирани риби – туна, сардина, сардинели, паплини, шеќер, какао во прав, тестенини, леб, бисквити, ајвар, конзервирани кратставици и корнишони, кисела зелка, конзервирани печурки, слатки пиперки, џемови и слатка, ќечап и други сосови од домат, супи, оцет, сол, ореви, костени. Од таму листата на производи коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка од 10% се производи кои не претставуваат производи за основна исхрана односно имаат карактеристика на производи кои не се дел од секојдневната трпеза и производи а дел од производите не се препорачуваат за човековото здравје“, соопштија од министерството за финансии.

На листата луксузни производи, според министерството, се различни производи од лососи, козјо месо, посебни видови на туна кои се ретки, и кои не се во општа употреба, бадеми, индиски ореви, бразилски ореви, тропско овошје, некои видови зачини, палмино масло, кавијар, посебен вид на кашкавали кои не претставуваат традиционален производи и се од растително потекло и слично.

Но, во супермаркетите сликата е поразлична. Граѓаните се гневни затоа што данокот на луксуз не е само за месото од орвиас и перките од ајкула, туку се прелеа кај замрзнатите теста, намазите, урдата, ајдамер и гауда кашкавалот, сладоледот, храната за бебиња, цвеклото, овесните снегулки, сите видови бонбони, чипсот и мајонезот.

Цело утро работниците во маркетите трчаа низ рафтовите со илјадници лепенки со новите цени, а некаде се менуваа и загарантираните цени кои Владата ги донесе пред десетина дена.

– Многу производи се поскапени. Храна за бебиња, сирење, ајдамер, производи со овес, цвекло. Голема е бројката на секојдневни производи со повисоки цени. Не знам за какви луксузни производи се сметаат чипсот и мајонезот или цвеклото кое се консумира секојдневно на македонската трпеза – вели за „А1он“ вработена во еден од ланците супермаркети во Скопје.

Денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи не сакаше да дефинира што е луксуз, но рече дека може да се работи за пропуст и дека за десетина производи не е проблем да се направи измена. За чипсот, гумите за џвакање, сладоледот, тој рече дека спаѓаат во категоријата нездрави производи затоа што имаат повисока шеќерна вредност и не смета дека се основни прехранбени производи.

Во Собранието деновиве поминаа измените со кои се овозможи примена на нова даночна стапка на ДДВ од 10 отсто, покрај основната од 18 отсто и повластената од 5 отсто. Со зголемување на ДДВ-то, во буџетот власта очекува да се соберат дополнителни 70 милиони евра. Статистиката, пак, измери реален пад од 12,9 отсто кај трговијата со храна во август.

Би можело да ве интересира

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница