Ако им се понудат пониски цени за разговор во мобилната телефонија 61,2 процента од испитаниците опфатени со последната анкета на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) би го смениле мобилниот оператор, 43,6 проценти тоа би го направиле за пониски цени на СМС/ММС и дата податоци, а 37,3 проценти за поевтин мобилен интернет. Побрз мобилен интернет, најсовремени телефонски апарати и подобра грижа за корисници би биле причина за промена на операторот за 24,6 проценти, а подобар квалитет на говорни услуги 22,8 проценти.
Анкетата е спроведена од 27 септември до 12 октомври минатата година на територијата на државава на случаен репрезентативен примерок од 1100 испитаници корисници на некоја од електронските комуникациски услуги: фиксна телефонија, мобилна телефонија, интернет и телевизија.
Во анкетата 60,8 проценти се изјасниле дека би го смениле мобилниот оператор доколку сегашниот ја зголеми цената на услугите за 10 проценти.
Процентот на корисници на интернет преку мобилен телефон е во постојан пораст и во 2018 година достигнал 67,8 проценти. Најголемиот дел од корисниците на интернет преку мобилен телефон (96,1 процент) користат апликации за комуникација меѓу кои најкористени се Вибер (98,8 проценти) и Фејсбук месинџер (87 проценти).
Повеќе од половина (55,1 процент) од лицата што не користат интернет преку мобилен телефон навеле дека немаат потреба од оваа услуга, 33,8 проценти рекле дека моделот на мобилен телефон не им го дозволува тоа, а 25,1 процент не знаат како да го користат, а за 26,5 проценти причина се превисоките цени.
Бројот на корисниците на мобилна телефонија постојано бележи благ пораст и во 2018 година изнесува 96,8 проценти.За 60 проценти од корисниците главен оператор е Вип.Оне додека Македонски Телеком за 39 проценти. Лајкамобајл има минимално учество на пазарот од еден процент. Бројот на постпејд корисници на мобилна телефонија постојано се зголемува.
Паметните телефони и понатаму со голема динамика ги заменуваат обичните мобилни телефони. Во 2018 година веќе 81 процент од корисниците на мобилна телефонија поседуваат паметен телефон.
Фиксната телефонија стагнира
Во последните три години се забележува стагнација на бројот на домаќинствата кои поседуваат фиксна телефонска линија меѓутоа користењето на оваа услуга од лицата кои ја поседуваат постојано се намалува, односно скоро половина од испитаниците што поседуваат фиксна линија никогаш не ја користат за повици кон фиксни и кон мобилни мрежи.
Најголем дел од корисниците на фиксна телефонија се постпејд корисници (93,3 проценти) што останува на исто ниво како и претходната година. Македонски Телеком и понатаму има најголем пазарен удел со 58,8 проценти кој останува стабилен во последните три години.
Речиси сите (96,9 проценти) од испитаниците кои не користат фиксна телефонија се изјасниле дека не се заинтересирани да станат корисници на оваа услуга во годината што претстои, покажува испитувањето на јавното мислење на резиденцијалните корисници во однос на пазарот на електронски комуникации во Македонија.