Речиси сите продукти во маркетите се движат во нагорна линија, а од прехранбените производи, само лебот има иста цена како лани. Во споредба со минатата година, скопјани плаќаат поскапо месо, млеко и млечни производи, но и цените на овошјето и зеленчукот кои доаѓаат од Македонија, исто така растат.
„За разлика од некои тропски овошја, цените на нашите овошја растат цело време, што е многу чудно“, вели една скопска пазарџика.
Додека едни се чудат како тоа домашните производи се поскапи од странските, други пак веќе го очекувале ова.
„Не сум зачудена, но не сум ни загрижена дека цените се менуваат. Веќе се навикнав бидејќи ова се случува повеќе години, за па затоа водам поголема сметка кога пазарам“.
Некои скопјани, пак, велат дека пазаруваат паметно. Тоа значи дека прават список во кој маркет – кој производ колку чини, па во еден наврат одат во неколку продавнци и купуваат каде цените се најниски.
„На почетокот ми требаше време да ги проучам продавниците, во која што колку чини, но после без проблеми пазарував. На овој начин можам да ви кажам дека заштедувам дури по 300, па понекогаш и 400 денари, бидејќи некаде шеќерот е за 20 денари поевтин одколку во други продавници, а во некои други пак брашното е поевтино и така натаму“, вели една пензионерка на пазарот во Тафталиџе.
Најзначајни промени има кај кромидот, кој беше 16 денари, а сега е 44, компирот кој беше 24 денари, а неговата цена сега изнесува 45 денари, како и кај месото јајцата и брашното.
На табелата се претставени 35 продукти врз кои се се истражува движењето на цената на потрошувачката кошница од Јуни минатата година и Јули 2013 година.
Споредбата е од еден маркет, во кој ланската цена изнесувала 4582 денари, а сега е 5276 денари, што е за 15% повеќе. Од Државниот завод за статистика велат дека трошоцитге за живот во текот на последните 12 месеци се зголемени за 4.2 отсто, а во однос на предходниот месец, минимално се зголемени за 0.3 отсто.
Исто така според нив, инфлацијата од Јули годинава во споредба со истиот месец од минатата година е резултат на зголемувањето не само кај прехранбените производи, туку и кај облеката и обувките, производите за огрев и осветлување и други производи и услуги.
Матеј Тројачанец