Речиси петтина од населението на Хрватска во ризик од сиромаштија

Од:

По повод Меѓународниот ден против сиромаштијата и социјалната исклученост што се одбележува на 17 октомври, граѓанските здруженија собрани околу Домот за човекови права порачуваат дека хрватската Влада мора да направи повеќе за остварување на економските и социјалните права и борбата против сиромаштијата.

Последните здравствени, политички, еколошки и економски кризи се закануваат да ги анулираат напорите направени изминатата деценија во борбата против сиромаштијата. Проценките на ОН на глобално ниво одат во прилог на запирање на постигнувањата во намалувањето на сиромаштијата, па дури и кон влошување на ситуацијата. Во 2020 година, имаше сто милиони луѓе кои страдаат од неухранетост повеќе отколку во 2019 година. Глобалните трендови треба да ја алармираат и Хрватска која со години нема соодветен одговор во намалувањето на сиромаштијата и прогресивното остварување на социјалните и економските права, предупредуваат здруженијата.

„Податоците се поразителни – речиси петтина од граѓаните во Хрватска се во ризик од сиромаштија. Особено ранливи се граѓаните кои живеат во самохрани домаќинства, жените и постарите лица. Секоја втора жена, како и секое второ лице постаро од 65 години кои живеат самостојно се во ризик од сиромаштија. Едно од три семејства со еден родител или семејства во кои живеат постари лица се изложени на ризик од сиромаштија. Дури четвртина од граѓаните тешко врзуваат крај со крај. Иако повеќе од 19 проценти од граѓаните се сиромашни, само еден процент прима социјална помош и други сродни права. Сумата од илјада куни (133 евра) социјална помош не е доволна. Минималната плата од четири илјади куни е далеку од достоинствена. Сè поскапува – транспортот, енергијата и храната, што особено ги погодува граѓаните во руралните средини, областите кои се најмногу погодени од емиграцијата и губењето работни места. Во урбаните средини, особено во големите градови, трошоците за домување рапидно растат. Тие притисоци доведуваат до задолжување, зголемување на бројот граѓани со блокирани сметки и зголемување на сиромаштијата на вработените“, се наведува во соопштението.

Досега мерките за борба против сиромаштијата главно беа насочени кон ублажување на последиците и во борбата против екстремната сиромаштија, но тие не беа доволно ефикасни за да се спречи сиромаштијата, сметаат граѓанските здруженија и посочуваат дека крајно време е државата да ја зголеми минималната плата, да се зголеми износот на социјалната помош, да се усогласат пензиите со трошоците за живот, да се прошири и подобри достапноста на социјалните услуги и да се обезбеди достапно домување.

Граѓанските здруженија собрани околу Домот за човекови права „Загреб“ бараат од хрватската Влада подобро да ги заштити граѓаните од зголемените трошоци, да воведе силни и насочени мерки за борба против меѓугенерацискиот трансфер на сиромаштијата и да го олесни пристапот и да ги подобри образовниот систем, пазарот на труд, социјалните и здравствените услуги.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Германските медиуми за изборите во Хрватска: Најверојатно ќе започне фаза на нестабилност

Отворени избирачки места на парламентарните избори во Хрватска

Невреме ја зафати Хрватска, метеоролошкиот аларм е на сила за целата земја

Горан Наумовски

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски

Хрватска танцува за поддршка на евровизискиот претставник, Бејби Лазања

А1он