Војна за пазарот на млекото и последиците на Балканот

Од:

Ал Џезира Балкан – Сараево

Европската унија во 2015 година ќе ги укине квотите за производство на млеко кои ги имаат државите членки, поради што млекарите во Србија и БиХ, но и во многу европски земји се фатија за глава.

За време на 1970-тите години, Европската унија од увозник на млечни производи се претвори во производител кој упорно има вишок.

Тој константен вишок беше скап бидејќи мораше да се подарува, да се става во магацини или да се извезува без субвенции, а секој обид за балансирање, вклучувајќи и разни даноци, не вродија со плод. Вишокот остануваше.

Токму поради тоа ЕУ од 1984 година воведе квоти за производство на млеко, со кои се обиде да го ограничи производството.

Под тие квоти, секоја земја членка на ЕУ има државна квота за дозволена количина на производство, која се дистрибуира на фармерите. Кога некоја држава ќе ја надмине својата квота, мора да плати казна на ЕУ, која се вика супер данок.

Квотите не се фиксни, во смисла дека фармерите можат да одлучат колку сакаат да произведуваат, т.е. земаат толкава квота колку што можат да си дозволат.

Секоја земја на свој начин ги дистрибуира квотите, а најпопуларен метод е лицитирање. Во земји како што се Велика Британија или Холандија, пазарите за размена на квоти се добро развиени, поради што млекото го произведуваат главно само најефикасни производители кои можат да си дозволат лицитирање на најмногу квоти.

Од почетокот на 2015 година, квотите за производство на млеко полека ќе се зголемуваат, а до април целосно ќе бидат изгасени.

Паника во регионот

На почетокот на декември се огласи Здружението за земјоделство, прехранбена индустрија, шумарство и водостопанство на Србија, истакнувајќи дека таа земја ќе биде поплавена од река европско млеко. – Оној момент кога тие квоти ќе паднат, буквално ќе бидеме покриени со река од млеко. Државата треба да преземе мерки да го заштити нашиот млечен сектор – рече тогаш секретарот на Здружението Ненад Будимовиќ.

И млекарите во БиХ неодамна изразија свое незадоволство со прекумерниот увоз на млеко во таа земја, кое како што велат го гуши домашното производство, со блокада на граничните премини Орашје, Градишка и Изачиќ.

Бараа воведување на прелевмани – посебен вид на царина на увоз на млеко и млечни производи, како и воведување на син дизел за земјоделците на ниво на БиХ.

Со тој прелевман, секое литро увезено млеко би било даночено со 0,72 КМ (0,37 евра), со што нивното млеко би било рамноправно со високо субвенционираното млеко од ЕУ, сметаа тие.

Зошто ЕУ сака да ги отстрани?

Постојат многу причини зошто ЕУ сака да ги укине квотите за производство на млеко, смета др. Бранко Бобетиќ, директор на стопанското здружение Кроатиа сточар.

Издвојува неколку клучни: потребата на ЕУ за интерно зголемување на конкурентноста, глобално зголемување на побарувачката за млеко, подобро позиционирање на ЕУ во однос на САД и Кина на глобалниот пазар, како и нарушените односи на ЕУ и Русија, која моментално е под санкции и чиј пазар на ЕУ е недостапен.

Додава и два важни фактори: пазарот внатре во 15 земји на ЕУ е заштитен и не постои многу простор за раст, а потенцијалот на фармерите во ЕУ, посебно во западна Европа, е многу поголем од што се користи.

Последици од укинувањето

Последиците од укинувањето на квотите, смета Бобетиќ, е неблагодарно да се прогнозираат. Сепак, некои работи се сигурни: во 2015 година ќе видиме голема борба внатре во Европската унија.

– Укинувањето на квотите ќе доведе до зголемено производство на млеко, што сигурно ќе направи дополнителен притисок на земјите кои се инфериорни во однос на силната економија на ЕУ 15 – вели Бобетиќ.

– Сигурно ќе гледаме заострување на односите внатре во ЕУ, бидејќи на ваков отворен пазар, ќе можат да останат само најсилните производители.

Експертот за аграр од БиХ, Сеад Јелеч, исто така смета дека квотите пред се се наменети за создавање на поголема конкурентност внатре во ЕУ, но и додава дека тие не се нешто што земјите во регионот треба да го дочекаат со насмевка на лице.

– Кога се зборува за укинување на квотите, тогаш пред се, се очекува еден силна конкуренција меѓу фармерите во ЕУ, за остварување на што поголемо производство. Во тој натпревар, многу ќе пропаднат, многу ќе исчезнат, а еден дел ќе го зголеми своето производство. Нема да имаат ограничувања кои ги имаа до сега – вели Јелеч.

– Тоа ќе доведе до реформи во производството на млеко и намалување на цените. Босна и Херцеговина не може многу да очекува кога е во прашање извозот на млекото. Таа унија не знае што да прави со млекото, па според тоа излезот на нашите производители не е во ЕУ, туку во освојување на домашниот пазар – вели тој.

– Според податоците на надворешнотрговската комора, увозот на млеко и млечни производи за 10 месеци во БиХ изнесувал 130 милиони, а извозот околу 60 милиони. Значи дупло повеќе се увезува од што се извезува, што зборува за тоа колку простор на домашниот пазар има за домашните производители – потенцира Јелеч.

Укинувањето на квотите е еден лош настан за регионот, ако производителите мислат дека излезот за извоз е во ЕУ.

Меѓутоа, Бобетиќ смета дека ни локалните пазари нема да бидат тоа што биле некогаш. Намалените цени ќе го зголемат извозот од ЕУ, а државите кои конкурираат за влез во Унијата нема да можат да ги заштитат домашните производители.

– Тешко можеме да сметаме на некои дополнителни даноци и регулација на пазарот која ги фаворизира домашните производители. И Хрватска, пред да влезе во ЕУ, мораше да ги менува своите закони. Тоа е механизам според кој Унијата функционира и тоа сигурно ќе се одрази и на земјите на граница, како што се Србија или Босна и Херцеговина.

Европската унија всушност го спушти знаменцето во уличните автотрки за производство на млеко. А кога знаменцето ќе го допре асфалтот и трката ќе почне, многу тркачи ќе изгорат, а со нив и дел од публиката.

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Нема веќе гарантирани цени, државата уште не го донела законот за контрола на трговците

A1on

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот