Во рамки на работната посета на Штип денеска Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, на работен состанок со работодавачите од штипскиот регион ги презентираа мерките и програмите од Оперативниот план за активни мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот.
На работниот состанок беа споделени размислувања, идеи и предлози од работодавачите за нивните потреби од квалификуван кадар и работници, а се разговараше и за можностите кои ги отвора Оперативниот план за активни мерки за вработување за надминување на проблемите на недостиг на квалификувана работна сила. Премиерот Заев и министерката Царовска ги повикаа работодавачите да ги искористат мерките и поддршката од Владата што им е на располагање и да бидат дел од процесот на креирање стручен и квалификуван кадар за развој на економијата и отворање нови работни места.
По завршување на работниот состанок премиерот Заев и министерката Царовска дадоа кратки изјави за медиуми.
„Ги претставивме мерките од Оперативниот план за вработување со кои ќе решиме едно прашање кое станува се поактуелно во Македонија. Процентот на невработеност во државата е 22.4 проценти, а работодавачите бараат работници и тешко наоѓаат. Оттука државата мора да ја заврши својата улога, а тоа е да ја покрие таа празнина. Преку овие мерки со коишто се алоцирани преку 1 милијарда и 400 милиони денари или нешто повеќе од 17 милиони евра, ќе можеме да помогнеме на деловната заедница да најде работници, а и работниците да си најдат соодветна работа. Оттука, оперативниот план за вработување отвора можности и за работниците и за деловната заедница“ порача премиерот Заев.
Премиерот Заев сподели искуство од неодамнешната посета на Австрија каде што овој проблем, меѓу другото, се решава со дуално образование, и рече дека државата ќе финансира преквалификација и дека целта на мерките е стекнување на практично искуство и трајно вработување.
„Тоа ќе го реши проблемот на работодавачите да најдат компетитивна и квалификувана работна сила, а оние наши сограѓани кои се невработени, бараат работа, а обично ја има таму каде што тие немаат квалификации, тие може да бидат квалификувани и полесно да најдат работа“, истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев посочи дека постои недостаток на текстилни работнички, заварувачи, келнери, готвачи, и оцени дека дебатите од овој тип за проблемите со кои се соочуваат работодавачите до Владата се чекор кон изнаоѓање на решенија.
„Социјалниот дијалог мора да постои во државата ако сакаме да создаваме општество коешто ќе значи доволна мотивација овде да се гради животот, овде да се создава семејство и овде да ни останат младите луѓе, а истовремено да ги почитуваме сите професии и сите дејности и да ги вреднуваме чесно заработениот денар дали како плата или добивка. Во општество во кое сите чинители ќе бидат активни, задоволни и перспективни ќе можеме да ја создаваме Македонија којашто сите ја посакуваме“ порача премиерот Заев.
Министерката Царовска зборуваше подетално за мерките од Оперативниот план на активни мерки за вработување.
„Како и сите политики на оваа реформска влада, така и Оперативниот план за мерки и услуги за вработување беше направен во соработка и со дискусија и со работодавачите, но и со работниците. Сметам дека креиравме неколку важни мерки кои што ќе дадат придонес во креирање на стручен, квалификуван кадар, согласно барањата на работодавачите. Со тоа правиме две добра, вработуваме лица кои што се тешко вработливи, а и можност за компаниите да се развиваат, а со тоа да се развива и економијата во Република Македонија. Ги повикувам и работодавачите и невработените лица да се пријават и да ги искористат мерките од Оперативниот план“, информираше министерката Царовска.