Цената за дојдовни повици во роаминг во регионот од денеска дополнително се намалува од 2,9 денари на 1,5 денари, а согласно Договорот помеѓу земјите од Западен Балкан што стапи во сила во пред една година, во јули следната година цените во роаминг за разговори и користење податоци целосно ќе се укинат.
На денешниот онлајн состанок на министрите задолжени за дигитализација во регионот, Советот за регионална соработка и претставници од Европската Комисија е заклучено дека ќе се изработи мапа за следни чекори и рокови за укинување на цените во роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и земјите од Европската Унија, информира во видеообраќање министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој беше меѓу учесниците на состанокот „Западен Балкан погоден за дигиталното време“ што го организираше Советот за регионална соработка.
Како што потенцира, земјите од Западен Балкан денеска одбележуваат една година од стапувањето на сила на договорот за намалување на цените во роаминг. Нашите граѓани изминатата година зборуваа, користеа интернет и праќаа СМС пораки за цени пониски и до 99 проценти. Конкретно, 5,04 денари за појдовни повици, 2,9 денари за дојдовни повици, СМС пораки се праќаат за 2,63 денари по порака, а цената на мегабајт интернет е 1,9 денари. Од денеска, дополнително се намалува цената за дојдовни повици и таа сега изнесува 1,5 денари. Согласно договорот, до јули 2021 година цените во роаминг целосно ќе се укинат. Ова е предусловот што Северна Македонија заедно со останатите пет држави од регионот го исполнува со цел воведување на „роаминг како дома“ и со земјите од Европската Унија, наведе Манчевски.
Според генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, примената на договорот во изминатиот перуод е успешна регионална приказана сама по себе и регионот треба да ја повтори оваа формула.
-На денешен ден пред една година, почнавме да плаќаме помали телефонски сметки за роаминг од влегувањето во сила на регионалниот договор со кој се намалија цените на услугите за роаминг низ целиот регион (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово *, Црна Гора, Северна Македонија и Србија), во некои случаи за дури 99 проценти. Сообраќајот на роаминг на податоци се зголеми за повеќе од 60 проценти, при што појдовните повици за повеќе од 140 проценти. Затоа сега можеме да разговараме повеќе, да испраќаме повеќе СМС-пораки и да сурфаме повеќе, а во јули 2021 година, шесте економии на Западен Балкан очекуваат да бидат укинати трошоците за роаминг услугите. Тоа е успешна регионална приказна само по себе, рече Брегу.
Според резултатите од истражувањето Балкански барометар 2020 година, 35 проценти од граѓаните на Западен Балкан заштедиле пари по стапувањето во сила на договорот за намалување на цените на роамингот. Истражувањето покажува дека користењето на интернет е во пораст, при што 69 проценти од граѓаните од Западен Балкан го користат како средство за комуникација. Седумдесет и осум проценти од бизнисмените во Западен Балкан ги сметаат дигиталните вештини како многу важни за бизнисот, а 55 проценти од нив обезбедуваат некаков вид обука за подобрување на дигиталните вештини на нивните работници.