Со полиција и приватно обезбедување сметководителите спречија некои од своите колеги од Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) да влезат на денешната седница на собранието.
Иако се членови на Институтот, тие не добиле покани, па обвинуваат дека и денешната седница е продолжение на низата скандали со непотизам, нетранспарентно работење и финансиски криминали што го тресат Институтот. Атмосферата во хотелот „Порта“ беше тензична, голема екипа полицајци го следеа обидот на сметководителите да влезат на седницата, а приватно обезбедување, пак, не дозволуваше никој да се доближи до вратата зад која почна седницата.
„Во изминатите две години, ИСОС, наместо да ја врши функцијата за која е создаден – за унапредување на сметководствената професија во Република Македонија, во своето работење се соочува со сериозни неправилности, непотизам и нетранспарентност во изборот на органите на ИСОС, финансиски криминал и слично, нешта за кои Министерството за финансии веќе реагира и по чии забелешки требаше да се постапи. Но, наместо почитување на записникот, работата на Институтот целосно се блокира. Се одржа скандалозното собрание на 3 мај, каде што ниту еден став на подружниците не беше исполнет, спротивно на Статутот на ИСО, а намерата и за денешното нелегитимно закажано собрание е иста, зад затворени врати и под притисоци и манипулации да се изгласаат одлуки и акти за исполнување нечии лични интереси. Затоа, денес, стоиме тука, во знак на протест и незадоволство, го повикуваме Министерството за финансии како надлежен орган да им даде привремена мерка на сите акти што денес ќе се изгласаат сè до записникот од инспекцискиот надзор“, рече Сандра Андреева во име на сметководителие на кои не им беше дозволен влез на седницата.
Сметководителите бараат Министерството за финансии да направи инспекциски надзор за законитоста на денешното собрание и итно да интервенира во темелна промена на Законот за сметководствените работи поради неговата очигледна нефункционалност.
Собранието беше затворено и за медиумите. Иако обезбедувањето дозволи новинарските екипи да влезат на седницата, Маја Георгиевска, која претседаваше, ја прекина седницата и побара новинарите да излезат за да може да продолжи. Нејзините помошници најавија дека ќе испратат соопштение за медиумите во текот на денот.
Неофицијално, на дневен ред на денешната седница има три точки, односно разгледување на записникот од претходниот состанок, разгледување на моментната состојба во еснафот, идентификација на проблемите и предлози за надминување и точката разно. И на оваа седница нема точка самораспуштање на сите тела според насоките од подружниците и избор на сосема ново раководство на Институтот за надминување на утврдените неправилности – непотизам, финансиски криминал и нетранспарентно работење. Институтот нема претседател оти во мај Ленче Папазоска си поднесе оставка, а нов претседател не е избран. Во исто време кога таа поднесе оставка, Управата за финансиска полиција против неа поднесе кривична пријава оти од сметката на Институтот префрлала пари што завршувале на сметки на физички лица што не извршиле никакви услуги за Институтот. Кривична пријава до Основното јавно обвинителство поднесе Управата и против С.М., овластено лице во Стопанската интересна заедница Национален комитет на Интернационална стопанска комора во Република Македонија (ИСК Македонија), кое помагало во извлекувањето на парите од сметката.
Маја Илиевска-Пачемска