Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој утре ќе ја објави најавата за новиот повик од ИПАРД 2 односно за двете мерки Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства и Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи и маркетинг, изјава денеска министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, од Пробиштип.
„Ова се мерките за коишто постои најголем интерес кај апликантите. Во првиот повик на ИПАРД 2 до денес се склучени рекордни 919 договори, што претставува приближно ист број на договори склучени во претходните 9 години во вкупната ИПАРД 1 програма. Овие договори тежат 15,8 милиони евра, од кои околу 12 милиони евра се европски пари наменети за нови трактори, механизација, опрема, преработувачки капацитети и други потреби на македонските земјоделци“ – изјави министерот Николовски.
Преку ИПАРД 2, Европската Унија и дава на располагање на Македонија 60 милиони евра за развој во земјоделството. Согласно законските процедури на Европската Унија, јавниот повик се најавува минимум 30 дена пред неговото објавување, кое ќе биде на почетокот на ноември. Во овој период од еден месец сите заинтересирани кои сакаат да конкурираат ќе имаат време да ја комплетираат целата документација.
Преку искористувањето на европските фондови и инвестирањето во земјоделството се подобрува развојот и стандардот на жителите на руралните средини. Со влезот во ЕУ и НАТО достапните средства од фондовите неколкукратно ќе се зголемат.
Министерот Николовски посочи дека со помош на европските фондови и влезот на државата во НАТО и ЕУ, не само што ќе се зголемат инвестициите во земјоделството, туку ќе се овозможи и инвестирање во нови градинки, училишта, амбуланти, патна и канализациона инфраструктура, што ќе придонесе за подобрување на животот во руралните средини и обезбедување на подобар живот за идните генерации, за децата.
Министерот денеска имаше работен состанок и со градоначалникот на општина Кратово, Љупчо Бојаџиев и со градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, со кои разговараше за тековните активности на општините и за можноста за искористување на мерките од Програмата за рурален развој, наменети за развој на општините.