Кога во 2023 година стапија на сила законските измени со кои неделата беше прогласена за неработен ден, работодавачите предупредуваа дека тоа може на крајот да резултира со отпуштања.
Но, недостигот на квалитетна работна сила на пазарот на трудот ги принуди работодавците освен повисоки плати, да нудат и одредени бонуси и привилегии.
Нема супермаркет или бутик кој на својата врата нема залепено оглас дека бара работници. За разлика од порано на огласот стоеја само обврските на работникот, работното време и потребните квалификации, сега огласите се како рекламни билборди и содржат висина на плата, конкретни бонуси, привилегии, а се оди доттаму што се нуди и висока плата за почетник без искуство.
Најголемите маркети во Македонија за продавачи во Скопје нудат 28.000 денари почетна плата со или без искуство која до додатоци и бонуси стигнува до 31.000 денари, а во внатрешноста на земјата плати од 23 до 28 илјади денари.
Речиси сите супермаркети и поголеми фабрики нудат регрес за годишен одмор (К-15) најмалку двапати поголем од законскиот минимум кој за 2023 беше 15.000 денари, а некои од нив нудеа и по 50.000 регрес.
Неколку компании нудат слободни денови за роденден, пакети за новороденче, училишен пакет производи, ваучери за склучен брак, ваучер за спортска опреми, картични за спорт и попусти за одмор во туристичките места ширум земјава.
Платено колективно осигирување веќе е во минимумот на понудата, а најбрзорастечка мотивациска мерка која ја донесоа странските ИТ компании во Македонија и тој тренд го следеа македонските фирми е бонусот за препорачан пријател за работа.
За возачите и магацинските работници пак, секоја компанија во своите огласи објавува дека прекувремените часови ги плаќа повисоко што пак им е законска обврска на работодавачите.
Податоците покажуваат дека од околу 7.600 слободни работни места во Агенцијата за вработување повеќе од 50 отсто се во трговијата и затоа се нудат вакви бенефиции за да се најдат работници.
Според искуствата на вработените, но и според огласите, едно работно место обично опфаќа повеќе работни позиции (на пример, касиер, примач, одржувач на хигиена, да реди производи), се бара работење во смени и работа во сабота, а во големите трговски центри и во недела.