Тевдовски: Приватните инвестиции се ниски, бизнис секторот е задушен и не го создава очекуваниот економски раст

Од:

Министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска во Собранието го одржа експозето за завршната сметка за Буџетот за 2016. година.

„Буџетот и завршната сметка за 2016 година се нешто посебно! Дали знаете зошто? Буџетот за 2016 беше креиран од еден министер за финансии, беше спроведуван и прекројуван од неговиот наследник од истата влада, а отчет за него давам јас како министер за финансии на новата влада.

Дополнително, ова е последната завршна сметка која се однесува на цела година на гарнитурата на власт која 11 години управуваше со јавните финансии во Македонија. А, мене лично косата ми испадна од критикување на неефикасноста на трошењата во изминативе години. Но, заради почитување на законите и институциите во Република Македонија, со целиот свој личен интегритет застанувам овде пред вас, да ја претставам завршната сметка на буџетот за 2016 година.

Мојот говор ќе се состои од три дела. Првиот дел ќе биде фокусиран на макроекономските случувања. Во вториот дел ќе се осврнам на реализацијата на буџетот во 2016 година. И на крајот ќе зборувам за иднината. А, за да биде полесно за следење и фокусирано секој дел ќе се состои од по три точки.

Почитувани пратеници,

Три клучни макроекономски показатели на кои ќе се осврнам во првиот дел се: остварениот раст на БДП, двигателите на растот и јавниот долг.

Колкава беше стапката на раст на економијата во 2016 година? Дали бевме рекордери во регионот? За жал не. Економскиот раст на Македонија во 2016 година изнесува 2,4%. Ова е најниската стапка на економски раст во регионот. Во 2016 година, растот на Косово е 3,6%, на Албанија 3,2%, на Хрватска 2,9%, на БиХ и на Србија 2,8% и на Црна Гора 2,5%.

Кои беа двигателите на растот во 2016 година?

Светска банка во еден извештај за Македонија покажа графикон на кој беше претставен економскиот раст со и без државната интервенција во градежништвото. Во последниве години, економскиот раст изнесува околу 2,5%, но ако се исклучи трошењето на државни пари во овој сектор, тој се намалува на околу 0,5%.

Ова значи дека приватните инвестиции се ниски. Бизнис секторот е задушен и не го создава очекуваниот економски раст. Растот се состои од трошењата на државата и тоа добро знаеме во што – многу често во непродуктивни проекти, како Скопје 2014 и згрешени автопати. А, најпроблематично е што на долг рок ова е неодржливо, бидејќи во економијата не се создава доволно додадена вредност, туку движењето е врз основа на задолжување.

Типичен претставник на ова е 2016 година. Економскиот раст на Македонија во 2016 година во најголем дел се должи на растот на градежната активност, која што порасна за 18,5%. И тоа секако, со помош на државната интервенција. А, од денешен агол е спорно и што некои позитивни проекти, како изградба на патна инфраструктура, поради грешки можат да донесат до сериозни дополнителни обврски за државниот буџет во следните години.

Од друга страна, индустрискиот сектор, којшто треба да биде двигател на растот, забележа пад од 1,3%.

Ако се гледа БДП по расходниот метод, економскиот раст во 2016 година е резултат на растот на извозот, пред сѐ на странски компании од слободните економски зони. Тој забележа реален раст од 11,5%, но се должи на целосно ослободување на странските компании од даноци и царини и голема државна парична поддршка, заради што се поставува прашањето која е користа на македонските граѓани од ова. Од друга страна, македонските фирми се целосно запоставени, што е крајно нефер.

Најпроблематично е што во 2016 година, се намали клучниот елемент на раст на економијата. Тоа се инвестициите. Бруто-инвестициите во 2016 година забележаа пад од 4,3% на реална основа, како резултат на воздржаноста на приватниот сектор од поголеми инвестициски зафати и пониската реализација на капиталните буџетски расходи.

Што ќе биде трета точка од макроекономскиот дел? Не би требало да имате дилема. Тоа е силниот раст на задолжувањето на земјава. Jавниот долг e зголемен за 484 милиони евра само во 2016 во однос на 2015 година. Во 2016 година, јавниот долг во еден период надмина и 50% од БДП, за на крајот на годината да се сведе на 47,8% од БДП, односно 4,7 милијарди евра. Ако се спореди со 2006 година (1,8 милијарди евра), јавниот долг е зголемен за 2 и пол пати. Затоа за крајот на овој дел ќе ги употребам зборовите на поранешниот претседател на САД, Обама: „Не дочека голем, удвоен, украсен како подарок за добредојде – јавен долг, оставен да го решаваме”.

Почитувани,

Вториот дел. Во поглед на реализацијата на Буџетот на Република Македонија за 2016 година ќе се осврнам на три клучни работи: приходи, расходи и буџетски дефицит.

Прво за буџетскиот дефицит. Дали остварениот буџетски дефицит е во границите на Мастришкиот критериум од 3% од БДП? Да. Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија се реализирани во износ од 169,3 милијарди денари, додека расходите се реализирани во износ од 185,4 милијарди денари. Буџетскиот дефицит изнесува 16,1 милијарди денари, односно 2,7% од БДП.

Буџетскиот дефицит заедно со плаќањето на обврски по основ на домашен и надворешен долг (20,7 милијарди денари), во 2016 година се финансирани со емисија на државни хартии од вредност и со странско задолжување, кои вкупно изнесуваат 36,8 милијарди денари.

Каква е структурата на приходите на Буџетот на Република Македонија во 2016 година? Во рамки на вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија, 150,4 милијарди денари се остварени по основ на даночни приходи и социјални придонеси, односно 88,7% од вкупните приходи, додека неданочните приходи учествуваат со 7,4%, капиталните приходи со 1,5% и останатите приходи со 2,4%. Кај даночните приходи и социјалните придонеси две третини отпаѓаат на даночните приходи, а една третина на придонесите.

Данокот на додадена вредност доминира кај даночните приходи и во 2016 година. Учеството на ДДВ изнесува 45,9%, со остварување од 45,9 милијарди денари. Приходите остварени по основ на акцизи учествуваат со 22,2% од даночните приходи, а на приходите по основ на персонален данок отпаѓаат 14,2% од вкупните даночни приходи. Данокот на добивка се остварил во износ од 10,8 милијарди денари.

Овие бројки кажуваат дека буџетот се полни главно преку индиректните даноци (ДДВ), а не преку директните (персонален данок на доход и данок на добивка). Проблемот кај индиректните даноци е што со нив сиромашните плаќаат поголем дел од својот расположлив доход, во споредба со богатите, бидејќи сиромашните го употребуваат целиот свој доход за купување на основните производи за исхрана и домување.

Приходите од социјалните придонеси, кои се финансирање на законските обврски на социјалните фондови, се оствариле во износ од 50,3 милијарди денари.

Неданочните приходи се остварени во висина од 12,5 милијарди денари, а капиталните приходи во износ од 2,5 милијарди денари, од кои по основ на дивиденда од Телеком реализиран е износ 574 милиони денари.

Во текот на 2016 година буџетските корисници по основ на билатерална и мултилатерална соработка за финансирање на конкретни проекти, а особено проекти финансирани од ИПА фондови, реализирале донации од 4 милијарди денари.

И на крајот за расходите. Тука клучни прашања би биле: колку изнесува реализацијата на тековните расходи, а колку на капиталните расходи?; и дали капиталните расходи се реализирани на нивото на проекцијата на буџетот? Но, одговорите на овие прашања се веќе познати, бидејќи се повторуваат многу години наназад. Затоа само накратко.

Во рамки на вкупните буџетски расходи, тековните расходи се остварени во износ од 168,4 милијарди денари, односно бележат пониска реализација од 3,8% во однос на планот, во чии рамки најголемо отстапување има кај постојаната резерва, која со вториот ребаланс во текот на 2016 година била зголемена на ниво од 2,2 милијарди заради обештетување на населението од регионите зафатени со поплавите во август 2016 година, но сепак е реализирана во обем од само една третина (761 милион денари).

Ако се погледне структурата на тековните расходи: 70,6% е учеството на трансферите (трансфери до ЕЛС, субвенции во земјоделството и социјалните трансфери), 15,4% е учеството на плати и надоместоци, 10% на стоки и услуги, и 4% од од тековните расходи се наменети за каматните плаќања.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување исплатил 48,2 милијарди денари за пензии и 6,4 милијарди денари на име транзициски трошоци по основ на трансферите до вториот пензиски столб. Дефицитот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување – што мора да се надополни од државниот буџет изнесувал 26 милијарди денари во 2016 година. За споредба платите и надоместоците на целата администрација изнесуваат 24,2 милијарди денари.

Фондот за здравственото осигурување за здравствени услуги и надоместоци за боледување и породилно отсуство исплатил 25,6 милијарди денари.

Капиталните расходи значително отстапуваат во реализацијата од планот и во 2016 година. Капиталните расходи во Буџетот за 2016 година биле планирани на ниво од 22,3 милијарди денари, а истите се реализирале на ниво од 17 милијарди денари. Отстапувањето кај нив изнесува 5,3 милијарди денари.

За жал ова како правило се провлекува години наназад. При проекцијата на секој буџет се зборува за „историски највисоките капитални инвестиции“ и следствено на тоа – „најразвоен буџет досега”, а потоа реализацијата е далеку од проекцијата.

Почитувани,

За крај ќе зборувам малку за иднината. Треба да учиме од грешките од минато и да не дозволиме тие да се повторат. Но, иднината е најважна.

Во моментов Министерството за финансии е во завршна фаза на финализирање на ПФМ стратегијата на ЕУ (Public finance management strategy), за која во изминатите 2-3 години немало политичка волја за прифаќање. Ние мислиме дека оваа стратегија претставува одличен патоказ за идни реформи на јавните финансии во Македонија. Притоа, клучните мерки на стратегијата од областа на транспарентноста се и дел од Програмата на Владата. Министерството за финансии дел од овие мерки за транспарентноста, како на пример месечно извршување на буџетот по буџетски корисници и по општини веќе започна да ги објавува на својата веб страница, односно уште пред прифаќањето на стратегијата.

Оваа прилика ја користам и да ја информирам јавноста дека веб-страницата на Министерството за финансии е променета. Од главното место на насловната страна е тргната сликата на Министерот за финансии и неговата биографија, наместо тоа фокусот на веб-страницата е на достапноста и отвореноста на податоците. Ние мислиме дека целосниот увид на јавноста во трошењето на парите е важен чекор во нормализирање на состојбата на јавните финансии бидејќи го намалува просторот за криминал и корупција.

Втора важна работа која Министерството за финансии е подобрувањето на среднорочното буџетско планирање. Во моментов, во Министерството постои твининг-проект со Финска кој треба да заврши во октомври. Ние тогаш ќе излеземе со промени на среднорочното буџетско планирање кои значително ќе го подобрат процесот на донесување на буџетот за 2019 година, а процесот на носење на тој буџет веројатно ќе започне од јануари 2018 година.

Трета важна работа на која работиме е елиминирање на неправедноста во нашите јавни финансии, односно на воспоставување на праведен даночен систем.

Конечно, би сакал да им се заблагодарам на вработените во Министерството за финансии. Тие не се спомнуваат во јавноста, но вршат извонредно одговорна задача. Јавноста треба да знае дека помеѓу нив има исклучителни професионалци, кои според знаењата и посветеноста, веројатно и не се доволно платени. Од агол на Министер за финансии, јас можам да кажам дека мене ми е задоволство што работам со нив. Дополнително, важно е што во првиот месец од промената на власта, Министерството за финансии беше засилено со одличен економист, кој има докторирано во Италија. Во вториов месец, најавувам дека Министерството за финансии ќе биде засилено со уште еден извонреден економист, кој има докторирано во Британија. Најавувам дека вратата за квалитетните луѓе ќе биде широко отворена во Министерството за финансии. Управувањето со милијарди евра јавни финансии е сериозна задача, но со квалитетни луѓе, не треба да се има грижа за иднината.

На крајот, сакам да го изразам моето убедување дека до крајот на мандатот ќе имаме завршна сметка како онаа во Данска“ рече Тевдовски.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петрова: Бесими незаконски потпишал согласности за 3.000 вработувања во државни институции

Горан Наумовски

Вработени во МФ бараат исплата на додатокот на плата од 30 отсто

Протести и штрајкови најави Синдикатот на Министерство за финансии при УПОЗ ако не се потпише колективен договор

Горан Наумовски

МФ: Новата ПЕР 2024-2026 усвоена од Владата, поставена основа за нашата Реформска агенда за Планот за раст на Западен Балкан

Не смее да се вработува освен за испразнето место, но фалат луѓе во администрација вели Бесими

Анита Петровска Рајковиќ

МФ: Усвоен Буџетот за 2024 во Собранието, носи инвестиции, развој и одржливост