Од Буџетот до крајот на годината ќе можат да се сервисираат сите обврски. Ќе има пари за плати, пензии, субвенции и средства за поддршка на економијата. Ребалансот веќе се подготвува во Министерството за финансии, а во него треба да се вградат и дел од проектите на новата Влада, меѓу кои за минималната плата.
Ова го истакна денеска на средба со новинари министерот за финансии Драган Тевдовски на која најави дека почнува и процесот на поврат на ДДВ кон стопанството.
– На буџетската сметка на 31 мај 2017 година имаше вкупно 6,5 милиони евра. На девизната сметка на буџетот имаше 209 милиони евра кои ќе ги користиме за сервисирање на обврските кон странство кои ќе бидат доволно за да се исплати она што доспева до крајот на годината, рече на денешната средба со новинарите министерот Тевдовски.
Тој потенцира дека преземаат активности за да се откочи процесот на поврат на ДДВ и оти во првите неколку денови, имаат направено поврат од 2,2 милиони што е двојно повеќе од просекот на поврат на ДДВ во месеците од почетокот на годината кога биле исплаќани на име поврат на ДДВ од 1 до 1,2 милијарда денари.
– Не треба да бидеме конзервативни и да ги кочиме исплатите. Исплативме сериозна сума земјоделски субвенции, стипендии, поврат на ДДВ. Тоа го направивме за да ја раздвижиме економијата и ги повикувам фирмите да инвестираат, рече Тевдовски.
Овој процес на откочување на повратот на ДДВ, според него, ќе придонесе за раздвижување на економијата и достигнување повисоки стапки на раст кои ќе донесат подобар животен стандард.
Според информациите што ги имаат, засега доспеани се обврски над 4 милијарди денари. Но, посочи, дека ова се обврски само на директните буџетски корисници. Во тие податоци ги нема обврските на јавните претпријатија, општините, јавните здравствени установи и други корисници.
– По долги години раскошно трошење јавноста треба да ја има информацијата за точните трошења и точната сума, истакна Тевдовски и додаде дека се испратени дописи до институциите да дадат информации за доспеаните обврски.
Тој најави дека и во ребалансот кој се подготвува е дадена насока да се подобри ефикасноста на трошењата и да се даде поддршка на она што ќе ја раздвижи економијата.
Очекува дека тој ќе биде подготвен и пред есен, како што беше најавено.
Смета дека треба да се преземаат активности кои ќе имаат влијание на долг рок. – Она што ќе го преземеме сега треба да има влијание на состојбите во 2020 и 2021 година кога достасува за отплата еврообврзницата од околу 1 милијарда евра, рече Тевдовски и посочи дека ќе се продолжи со задолжувањата на домашниот пазар, бидејќи, како што појасни, тука се пониски камантните стапки.
Смета дека има доволно ликвидност и оти има доволно средства на домашниот пазар.
Посочи дека нема да има намалување на платите и зголемување на придонесите, а за даночната политика рече дека ќе се оди на поправично одданочување и оти има простор за промени кај данокот на доход и на имот.
За соработка со меѓународните финансиски институции истакна дека имаат поддршка за реформите, но оти доколку се одлучи на некаква поддршка ќе се гледа да нема ограничувања.