Градежната сезона почна порано, се одвива со одлична диманика, а сериозни активности ќе има и во март. Голем дел од проектите со тендерски постапки се веќе завршени, голем дел изведувачи и надзори се воведени во работа и очекувам дека многу од нив ќе продолжат со интензивна динамика уште во март.
Тоа го изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, при увидот на рехабилитацијата на регионалниот пат кој ги поврзува Стар и Нов Дојран.
-Овој значаен пат кој чини околу 800 илјади евра за Дојран е битен и од аспект на туризмот, но и за поврзувањето со Република Грција. Покрај ова, за општина Дојран преку Министерството за транспорт и врски се обезбедени преку 600 илјади евра за локални патишта и улици и за проекти во делот на комуналната инфраструктура, рече Сугарески.
Потенцираше дека голем дел на патишта ќе бидат доизградени, дека голем дел годинава ќе бидат рехабилитирани и оти можеби ќе бидат завршени и до денот на изборите.
Рехабилитацијата на овој патен правец е поделена во четири дела. Два дела се веќе завршени, а потоа ќе следува рехабилитацијата на патот од Нов Дојран до грчка граница и на патот од Дедели до Фурка, појасни директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.
-Сметаме дека до мајските празници буквално оваа делница да биде завршена, подготвена за туристите и за непречено одвивање на сообраќајот. Мислам дека до крајот на април ќе завршиме со работа и дека ќе ги обезбедиме сите услови за непречен почеток на туристичката сезона во Дојран, рече Китанов.
Тој најави дека е завршен проектот за обиколницата на Богданци и оти се работи на проектот за патот Богородица – Богданци кој ќе биде проширен на барање на граѓаните. Покрај ова, најави тој, се работи и проектот за експресниот пат од Смоквица до Струмица, како и од Струмица до бугарската граница кој треба да финишира до јуни.
Градоначалникот на Дојран Анго Ангов изрази голема благодарност до Министерството за транспорт и врски и до ЈПДП за нивното залагање за подобрување на инфрастуктурното уредување на Дојран кое ќе придонесе за развојот на општина Дојран и ќе ги подобри условите за престој на туристите кои последниве години се повеќе го посетуваат Дојран.
Ангов најави дека со дополнителните средства што ќе ги добијат од Министерството за транспорт и врски ќе реализираат три проекти за изградба на локални улици во селата Фурка, Црничани и Николиќ.