Во моментов низ целата територија на Република Македонија се работи на реализација на проекти во висина од преку 800 милиони евра, што е историски највисока инвестициска програма за подобрување на квалитетот на патната мрежа во државата, изјави денеска министерот за тѕранспорт и врски Горан Сугарески, при вршењето на увидот на изградбата на мостот на реката Луда Мара во Ваташа.
Тоа, според Сугарески, е доказ дека Владата е максимално посветена на изградба на квалитетна патна инфраструктура, со која, како што рече, од една страна ќе придонесеме за брз и безбеден транспорт на стоки и патници, а од друга страна ќе стимулираме пораст на БДП и ќе создадеме услови за економски раст на земјата.
На увидот, покрај Сугарески, присуствуваа и директорот на Јавното претпријатие за патишта Зоран Китанов и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Министерот нагласи дека ова е дел од програмската определба за изградба и подобрување на патната инфраструктура во државата.
– Овој проект е од огромно значење за жителите на Ваташа и го реализираме на нивно барање. Како што забележавме, градежните работи се одвиваат добро и очекуваме новиот мост да биде завршен во предвидениот рок. Инвестицијата е во вредност од околу 480 илјади евра, а средствата се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта. Во делот на изградбата и реконструкцијата на патната мрежа, сакам да споменам дека набрзо ќе започне да се реконструира регионалниот пат Кавадарци – Росоман, информираше Сугарески.
Исто така, во тек е изградба на експресниот пат од Градско до Прилеп, а до ноември оваа година се очекува да биде завршена рехабилитацијата на автопатска делница Неготино – Демир Капија. Сето ова е, како што нагласи, дел од најавениот голем инвестициски циклус во патната инфраструктура.
Китанов рече дека постоечкиот мост е доста оштетен и опасен за понатамошна употреба. Приодниот пат до мостот е исто така со незгодна кривина, па имаше многу сообраќајки и автомобили паднати во реката.
– Се посветивме и на општина Кавадарци и го решаваме овој проблем. Новиот мост треба да биде завршен во февруари месец. Ќе се санира и речното корито во должина од околу 180 метри, како и пристапниот и излезниот пат на самиот мост кој ќе биде и променет. Ќе има модерен пат и мост и поголема безбедност, нагласи Китанов.
Изградбата на нов мост е од големо значење за Ваташа и Кавадарци, но и за сите други, бидејќи, како што рече градоначалникот, стариот е од 1960 година, Информираше дека инвестицијата е околу 500 илјади евра, заедно со Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта.