Актуелните проблеми во градежништвото, особено од аспект на конструктивното градежништво и конструкциите под влијание на надворешните влијанија и катастрофите, се темите за кои се дебатира во рамки на 17. Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија што се одржува во Охрид.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески пред учесниците на симпозиумот истакна дека Владата секогаш ќе дава логистичка поддршка на се она што е контруктивно како идеја и решение за промена на законската регулатива што ќе следува веднаш по одржувањето на локалните избори.
– Очекувам да добиеме јасни предлози, идеи околу промената на четирите клучни закони што треба да се случат по изборите – законот за градење, законот за урбанистичко планирање, за градежно земјиште и законот за експропријација, рече Сугарески, повикувајќи ги сите заинтересирани да ги достават своите идеи и предлози до работната група којашто е формирана во рамки на Државниот градежен инспекторат.
Тој нагласи дека власта не планира да прави какви било законски измени без да се слушне мислењето на стручната јавност. Најави дека периодот настанат поради изборите ќе биде искористен од работната група да ги разгледа сите забелешки и да ги достави до Министерството за транспорт и врски, кое пак до средината на ноември би требало до Владата да достави јасен предлог за законските измени.
Претседателката на Друштвото на градежни контруктори на Македонија, Мери Цветковска како главни проблеми во работата ги посочи категоризацијата на објектите, која според неа, во постојниот закон не е соодветна, како и условите за одобрување на овластувања за проектирање.
На собирот во Охрид ќе бидат презентирани трудови за тоа како градежните конструктори во иднина треба да ги продолжат активностите од аспект на анулирање на неповолните надворешни влијанија, а ќе бидат доделени и награди за најдобрите остварувања во изминатите две години во областа на достигнувањата во науката, во проектирањето на конструкциите и во изведбата.